НАД 10. 000 УЧЕСНИЦИ В НЕДЕЛА НА ВИЗ ЕР СКОПСКИ МАРАТОН 2018 07.5.2018

На денешната прес-конференција, којашто се одржа во Парк Хотел и Спа градоначалникот Шилегов, директорот на Агенцијата за спорт и млади, Дарко Каевски,  и директорот на Виз Ер Скопски маратон, Кире Синадиновски, ги изнесоа деталите за четиринаесетиот Скопски маратон, којшто ќе се одржи на 6 мај, недела, 2018 година.   

- Градот Скопје традиционално е домаќин и покровител на Виз Ер Скопскиот маратон кој на наше огромно задоволство прерасна во еден од најпознатите маратони на Балканот. Ги отвораме вратите за натпреварувачите од 58 земји од светот кои се пријавени да учествуваат во трките. Посебно ме радува податокот што меѓу натпреварувачите годинава пријавени се и 37 вработени во администрацијата на Градот Скопје на кои од срце им посакувам успешна трка – изјави Шилегов.

 

 

Тој додаде дека во организацијата на маратонот се вклучени стотици професионалци и волонтери што се грижат маратонот да помине во најдобар ред и им се   заблагодари  на луѓето коишто со својот труд значително придонесуваат за растечката популарност на Скопскиот маратон.

За потребите на организацијата на маратонот Градот Скопје обезбеди логистичка и финансиска поддршка. Сите јавни претпријатија на градот се ставени на располагање да се погрижат за состојбата и безбедноста на патеката долга 42.195 метри.

 

 

- Ги повикувам граѓаните на Скопје, в недела, на 6 мај, да излезат во што поголем број да им дадат силна поддршка на своите фаворити. На учесниците на Виз Ер Скопски маратон 2018 им посакувам успешни трки, добра забава, дружење и нека победат најдобрите.Виз Ер Скопскиот маратон изминативе 14 години покажа огромен потенцијал за развивање како исклучително атрактивна манифестација. Затоа на организаторите и на сите учесници им посакувам уште многу успешни маратони, многу нови рекорди и многу нови учесници кои заедно со нашите сограѓани секоја година ќе потсетуваат дека Скопје сака, може и заслужува многу подобро – истакна Шилегов.

 

 

Кире Синадиновски, директорот на Виз Ер Скопски маратон, потенцираше дека  цела година жителите на Скопје ги гледа растрчани низ градот, не само на денот на маратонот. Некои трчаат во парк, некои покрај Вардар, некои на тротоар. Не го криеше своето најискрено задоволство што успеале да ги обединат сите тркачи и со нив да се дружат барем еден ден во годината.

- На некои од нив тоа им е малку, па своите тркачки желби ги исполнуваат и на маратоните во странство. Таа промоција на Виз Ер Скопски маратон е најзначајна. Кога нашите тркачи посетуваат други метрополи и патеки и кога луѓето од другите држави од цел свет доаѓаат кај нас. Тука разменуваме многу интересни енергии и искуства кои никогаш не се забораваат.“- порача Кире Синадиновски.

 

 

14. Виз Ер Скопски маратон и годинава  ги урна своите рекорди со преку 10.000 пријавени од 58 земји од светот. Тие ќе ги заземат своите позиции на стартот на патеката на 6-ти мај во 08.30 часот и со самото свое учество уште еднаш ќе потврдат дека Виз Ер Скопски маратон е најпопуларниот спортски настан во Македонија и пошироко. Самата популарност на манифестација оваа година ќе е надградена со присуството на ексклузивната гостинка, светската рекордерка, Пола Редклиф.

Учесниците на маратонот своите стартните пакети  ќе  можат да ги подигнат за Виз Ер Скопскиот маратон 2018 е на 4. и 5. мај во Парк Хотел и Спа од 10 до 19 часот. Воедно во сабота, 5. мај, Виз Ер Скопски маратон во рамките на „Проект Среќа“ се организира и хуманитарна Pasta party од 18 до 21 часот.

 

 

Виз Ер Скопски маратон константно се надградува и оваа година  во реализацијата на настанот се вклучени македонските радија, познати ДЏ-и, бендови и оркестри со цел да ја збогатат целата патека со музика и забава. Неодамна беше пуштена во употреба и новата мобилна апликација за Виз Ер Скопски маратон на која секој заинтересиран може да ги следи своите омилени тркачи во живо.

Истата може да се симне на следниов линк.

 

Во рамките на Виз Ер Скопскиот маратон ќе се одржи и Детски мини маратон во сабота, 05.05.2018, во 10 часот во општина Аеродром, во паркот кај авионот. Партнери на Детскиот мини маратон се Македонски олимписки комитет и УНИЦЕФ.