СОВЕТОТ ЗА ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИ НА ГРАД СКОПЈЕ ПОТПИША МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА 09.3.2016

Вчера /25.02.2016 година, четврток/ во Стопанската комора на Северо-западна Македонија беше склучен Меморандум за соработка меѓу Советот за заштиа на потрошувачите на Град Скопје и Стопанската комора на Северо-западна Македонија. Меморандумот за соработка го потпишаа претседателот на Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје, Марјан Додовски и претседателот на стопанската комора, Неби Хоџа. 

Со овој меморандум за соработка се дефинираат заедничките активности, во контекст на усогласување на понудата на бизнис операторите со потрошувачката, односно корисниците, како и градење на нови односи помеѓу бизнис операторите и потрошувачите.

Со меморандумот се предвидени низа заеднички активности кои во иднина треба да бидат реализирани:

- Размена на искуства и знаење од областа на заштитата на потрошувачите и нивните права при користење на услугите од угостителите и туристичките агенции, како и подобрување и унапредување на квалитетот на услугите кои што ги нудат истите, а со тоа и зголемување на потрошувачката;

- Организирање на редовни средби, кои се од особено значење за меѓусебното поврзување на фирмите, Стопанската комора и Советот за заштита на потрошувачи на Град Скопје, со цел подобрување на конкурентноста на фирмите, унапредување на деловното опкружување и зголемување на продажбата на услугите на пазарот. Активности во насока на зголемување на соработката со локалната економска самоуправа и заеднички настап во решавањето на специфичните потешкотии со кои се соочуваат потрошувачите, како и туристичките агенции и угостителите на локално ниво и размена на информации;

- Организирање обуки, семинари, соработка и советувања на значајни бизнис теми за размена на искуство и совети од областа на туризмот и угостителството и заштитата на потрошувачите и нивните права и градење нови односи помеѓу нив;

- Учество во подготовка и давање на сугестии за предлог закони, предлог мерки за унапредување на деловната клима и иницирање предлози за донесување и подготвување мислење по предлози на разни прописи од областа на туризмот и угостителството со цел остварување на поголема и поквалитетна потрошувачка, а со тоа градење нови односи помеѓу производителите, услужните компании и корисниците.

Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје согласно Програмата за заштита на потрошувачите има предвидено склучување на меморандум за соработка со Стопанска Комора на Македонија и со Сојузот на Стопански Комори.