ЗАСИЛЕНИ АКТИВНОСТИ ЗА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСТА ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА НА ГРАД СКОПЈЕ 27.2.2019

 

 

Град Скопје во континуитет работи на спроведување проекти и активности за зголемување на безбедноста на учениците, како и на намалување на насилство во средните училишта во Скопје.

Денеска се одржа работна средба за координирање на активностите на сите инволвирани страни во проектот „За безбеден град“, чија главна цел е намалување на насилството во средните училишта во Скопје. На средбата присуствуваа претставници на Секторот за образование на Град Скопје, директорите на средните училишта на Град Скопје, претставници на агенцијата за обезбедување во училиштата, како и претставници од поголем број одделенија при Министерството за внатрешни работи.

 

 

 

На средбата беа дискутирани потребите од преземање активности за подобрување на севкупната безбедност на учениците, како и намалување на сите облици на насилство и непримерно однесување на средношколците. За таа цел работната група донесе одлука во секое училиште да се формираат тимови составени од претставници на стручните служби во училиштето, од МВР и од агенцијата за обезбедување во училиштата, чија цел ќе биде превентивно деjствување, рана детекција на насилство и соодветно дејствување  за истото. 

Проектот „За безбеден град“ прв пат беше презентиран минатата година, истиот е поддржан од Град Скопје и опфаќа повеќе теми, меѓу кои зголемување на јавната безбедност, спречување на насилството во јавниот превоз и автобуските станици, како и спречување на насилство за време на спортските натпревари. Со овој проект во текот на минатата година беа реализирани 138 активности во 15 средни училишта.

 

 

 

Покрај проектот „За безбеден град“, во насока на зголемување на безбедноста во сообраќајот, Градот Скопје и МВР го реализираат проектот „Училишни сообраќајни единици“ чија основна цел е подигање на јавната свест за  одговорноста на сите учесници во сообраќајот. Во рамки на овој проект беа формирани мешани единици, составени од ученици од средните училишта и претставници на сообраќајната полиција, кои ги едуцираа учесниците во сообраќајот за сообраќајните правила. Во рамки на овој проект во текот на минатата  година беа реализирани 54 активности.