СЕ РЕКОНСТРУИРА УЛИЦАТА БРАДФОРДСКА ВО КАРПОШ 11.3.2019

Екипите на Град Скопје работат на реконструкција на улицата Брадфордска во Козле – општина Карпош, која ќе се обнови на вкупна должина од 200 метри на потегот од крстосницата со булевар Митрополит Теодосиј Гологанов до крстосницата со улица Козле. На терен ќе биде извршена целосна реконструкција на коловозот со вкупна површина од околу 2,500 метри квадратни, како и тротоарска површина од 273 метри квадратни.  Градоначалникот Шилегов денеска изврши увид во градежните работи на оваа улица, која речиси секојдневно ја користат граѓаните кои живеат или работат на територија на Карпош и околината.

-Градот Скопје со почетокот на градежната сезона ги интензивира градежните активности на градските сообраќајници. Се наоѓаме на улица „Брадфордска“ која веќе десет години е раскопана и со денивелација на шахтите и е голем проблем за Скопјани. Овде во практика може да се види и новиот комунален ред што го воспостави Град Скопје, а тоа е компаниите на отворен повик да се пријават за извршување на прекопи, бидејќи потоа нема да биде дозволено. Очекувам во наредните денови да се интензивираат градежните активности и до крајот на месецот да имаме целосно реконструирана  и побезбедена улица за сите учесници во сообраќајот – рече Градоначалникот Шилегов

Шилегов истака дека Град Скопје со интензивната градежната сезона ќе продолжи во наредниот период со реконструкција и проширување на повеќе булевари и улици.

Реконструкцијата на улицата Брадфордска е предвидено да заврши до крајот на овој месец, а Градот Скопје за овој зафат ќе потроши околу 5,3 милиони денари

Поради градежните активности, на улицата ќе биде воведен привремен режим на сообраќај.

Град Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на привремено поставениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.