ГРАД СКОПЈЕ ОЧЕКУВА ПРЕДЛОЗИ ЗА ПОДОБРА СТРАТЕГИЈА ЗА СОРАБОТКА СО ГРАЃАНСКИОТ СЕКТОР 19.4.2019

Тригодишната Предлог-стратегија за соработка со граѓански здруженија и фондации, денеска, беше промовирана пред граѓанските организации од Град Скопје и од консултантската куќа СЕГ Холдинг. По ова, граѓаните и сите засегнати страни, во наредните неколку дена, може да ги достават своите забелешки, предлози, критики и коментари. Се очекува стратегијата да биде финализирана и усвоена до почетокот на месец мај годинава.

На денешната работилница, голем број граѓански организации понудија низа различни предлог-решенија кои ќе ја подобрат содржината на Стратегијата за граѓанските организации и фондации.

„Потребно е да ја промениме перцепцијата за Градот Скопје дека станува збор само за донатор, но секако, тој може да биде и партнер на граѓанските организации. Затоа потребен е поголем ангажман и интенција од граѓанскиот сектор да пристапи кон градската администрација со идеи за заедничка мобилизација на ресурси. Вратите на градската администрација се отворени за комуникација со граѓанските организации“, рече Глигор Михаиловски, директор на СЕГ Холдинг.


Досега, при подготовката на предлог- верзијата на новата Стратегија, работната група направи анализа на досегашната работа на Градот Скопје со граѓанските здруженија, спроведе неколку анкети и прашалници, направи ревизија на претходната стратегија и одржа заедничка средба со граѓанските организации кои покажаа интерес за партиципативност, како и работни средби со градската администрација.

„За да се постигне поголема транспарентност и вклученост на јавноста во процесот на донесување одлуки, Градот Скопје ја објави Предлог- стратегијата за соработка со граѓански здруженија и фондации 2019-2021 на интернет страницата на Град Скопје, која беше достапна за коментари и забелешки. Финалниот документ кој ќе произлезе од овие работилници, ќе се однесува на периодот 2019-2021 година, со цел поинтензивна и поплодна соработка на Градот Скопје со граѓанските организации и фондации на територијата на Скопје“, истакна Сашо Митров, од Град Скопје.