МУРАЛ ОД СВЕТСКИ ПОЗНАТИОТ УМЕТНИК ВЕКС ВАН ХИЛИК УКРАСИ ЗГРАДА НА УЛИЦАТА 11 ОКТОМВРИ 15.9.2017

На ѕидот на зградата над Билната аптека, на улицата 11 Октомври во центарот на Скопје, светски познатиот уметник – муралист Векс Ван Хилик изработи мурал со површина од 160 квадратни метри.

Градот Скопје го поддржа проектот на Младинскиот културен центар (МКЦ) за изработка на повеќе мурали на фасадите на зградите во централното и поширокото градско подрачје со 1.250.000 денари. Минатата година два мурали ја украсија фасадата на МКЦ, едниот изработен од групата ЗЕРО (ZERO), а другиот од 40-тина прогресивни уметници од Македонија.

Од МКЦ упатуваат апел до граѓаните кои би сакале да имаат мурал на фасадите на станбените објекти да ги контактираат зашто во периодот што следува, десетина уметници од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка ќе створат нови дела на повеќе станбени и јавни објекти во градот.

Векс Ван Хилик е роден во 1988 година, во југозападна Франција. Под влијание на неговите постари браќа, тој почнува да слика уште од најрана возраст и почетна инспирација наоѓа во природата околу него, во флората и фауната. Хилик подоцна развива сопствен стил: сонувачки, надреален, истовремено вметнувајќи други најразлични влијанија. Сликари како Гистав Доре, Енгр, Караваџо, Дали или Бретон му се постојана инспирација од минатите векови, но, неговото дело е под влијание и на поп-културата, видео-игрите, стрипот, уличната уметност и тетоважите.

Од 2010 година, кога ја остварува својата прва изложба во Тулуз (каде што денес живее и твори), учествувал во голем број изложби ширум Франција. Неговите дела се познати и во странство, со поставките во галеријата МондоПоп (MondoPop) во Рим во 2012 година и во Салерно, во галеријата ГрислТату (Gristle Tattoo) во Бруклин, Њујорк и во Мелбурн, Австралија во 2013 година.

Секоја слика или цртеж од Векс Ван Хилик изгледа како ода посветена на фантазијата, како таинствен прозорец кон неговите сништа и илузии, каде што секоја сцена и лик се префинета мешавина на невиност и мрачност.