ВО НЕДЕЛА ВИЗ ЕР СКОПСКИ МАРАТОН 2017 12.5.2017

 

На  денешната прес-конференција, којашто се одржа во салата до Кабинетот на Градоначалникот, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, директорот на Агенцијата за спорт и млади, Марјан Спасески и директорот на Виз Ер Скопски маратон, Кире Синадиновски, ги изнесоа деталите за тринаесетиот Скопски маратон,  којшто ќе се одржи на 7 мај, недела, 2017 година.   

-Добре дојдовте на денешната прес-конференција по повод 13-от Виз Ер Скопски маратон, најголемата, најатрактивната и најпопуларната спортска манифестација под покровителство на Град Скопје. Како Градоначалник и домаќин, задоволство ми е да истакнам дека Градот Скопје, заедно со Канцеларијата на Европската Унија во Македонија, Агенцијата за спорт и млади на Република Македонија и Сојузот на спортови на Скопје во соработка со Атлетската федерација на Република Македонија, атлетските клубови и секако огромниот број на волонтери успеа да направи меѓународно афирмиран настан на кој секоја година се пријавуваат се повеќе професионалци, рекреативци, граѓани, ученици од основните и средните училишта, пријатели на спортот и на позитивната енергија. За угледот и за реномето на Скопскиот маратон, исто така, говори податокот дека тој е важен и за исполнување на норми за учество на сите најзначајни европски и светски шампонати, како и за Олимписките игри. Ќе го потенцирам и тоа, дека за Градот Скопје и за Република Македонија, маратонот има и културна, економска и туристичка димензија, толку потребна за афирмирање на имиџот на нашиот главен град и на нашата држава.Неделниот маратон ќе биде и најмасовниот од сите досегашни, бидејќи се пријавени над 8.500 натпреварувачи. И годинава, за оваа манифестација Градот Скопје од својот буџет издвои 1.200.000 денари, а ги стави на располагање и сите јавни претпријатија под негова ингеренција, кои беспрекорно си ја вршат својата работа и за тоа им упатувам јавна благодарност. Исто така, сакам да им се заблагодарам и на Агенцијата за спорт и млади и Сојузот на спортови на Скопје за организирањето на  маратонот, како и на компанијата Виз Ер, којашто  и овојпат на сите пријавени маратонци им доделува вредносен ваучер од 20 евра за некој од нивните летови. Ги повикувам граѓаните на Скопје, в недела, на 7 мај да излезат во што поголем број и да им дадат силна поддршка на овие храбри спортисти и рекреативци – истакна градоначалникот Трајановски.

Директорот на Агенцијата за спорт и млади, Марјан Спасески, го изнесе своето задоволство за масовноста на маратонот и им упати голема благодарност на сите волонтери од основните и средните училишта, како и на студентите  за поддршката на овој спортски настан.

Кире Синадиновски, директорот на Виз Ер Скопски маратон, потенцираше дека ова ќе биде најмасовниот маратон и дека годинава ќе имаме учесници од 51 земја.  Нагласи дека рутата ќе биде иста, но годинава ќе стартуваат половина час порано, односно во 8 и 30 часот, поради временските услови. Исто така, ги информираше присутните дека сите учесници во маратонот ќе може да користат бесплатен јавен превоз од 7:30 до 15 часот во недела, 7 мај, како и дека во пресрет на маратонот, во сабота на 6 мај на кејот на Вардар, со почеток во 10 часот ќе се одржи и мини детскиот маратон на 500 метри за  деца – ученици од петто и шесто одделение од основните училишта во Скопје.

На денешната прес-конференција присуствуваа и промоторките на Виз Ер Скопски маратон, трите сестри близначки од Естонија, сестрите Луик, кои се единствената тројка близначки кои некогаш во историјата  учествувале на Олимписките игри и беа учеснички минатата година во маратонската трка во Рио – Бразил, како и Дарио Ивановски, најперспективниот македонски атлетичар и победник на годинешниов Полумарсатон во Белград и Весна Кираџиева, државен првак во маратон.