НОВИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ ПО ДОЛЖИНАТА НА БУЛЕВАРОТ СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ 03.8.2017

Градот Скопје во рамки на реализацијата на проектот за нова велосипедска инфраструктура „Скопје Велоград 2017“, изминатиов период работи на велосипедските патеки по  должината на  бул. „Свети Климент Охридски“, којшто  е еден од главните конектори во централното градско подрачје.

Денеска увид во работите извршија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Синиша Ивановски.

- За првпат во Скопје и Република Македонија, дел од велосипедската патека ќе биде на самиот коловоз, поточно се одзема дел од просторот за автомобили и истиот ќе биде наменет за велосипеди. Ова се реализира на дел од бул. „Свети Климент Охридски“, поточно на потегот од крстосницата со ул. „Димитрија Чуповски“ и бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до крстосницата со бул. „Илинден“ кај објектот на Владата на Република Македонија. На овој простор последната коловозна лента ќе биде наменета за велосипедистите, каде што истата е обележана со посебна лента, на лентата за подобра видливост се поставени катадиоптри. За жал, како што и самите можете да забележите, несовесни возачи константно ја узурпираат велосипедската лента и тротоарите, оставајќи и паркирајќи ги нивните возила. Апелираме до возачите да не паркираат на велосипедските патеки, како и да не застануваат на потегот каде што велосипедските патеки ќе бидат на самиот коловоз. Апелираме до Министерството за внатрешни работи да биде поактивно на терен и да работи на ослободување на велосипедските патеки и да овозможи нивно непречено функционирање. Поради оваа зачестена појава, се одлучивме за дополнително физичко оградување на велосипедската сообраќајна лента од лентите за моторните возила, со специјални заштитни гумени столбчиња, со кои сметаме дека ќе се зголеми безбедноста за велосипедистите – кажа градоначалникот Трајановски.

Специјалните гумени заштитни столбчиња се со висина од 30 сантиметри, истите се еластични, имаат портокалова боја со бела рефлектирачка фолија за подобра видливост и при удар се враќаат наназад, поточно не ги оштетуваат возилата.

Преостанатиот дел од велосипедската патека по должината на  бул. „Свети Климент Охридски“, поточно од крстосницата со ул. „Димитрија Чуповски“ и бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“ до крстосницата со ул. „Свети Кирил и Методиј“ кај зградата на Нова Македонија и седиштето на ЕУ од другата страна. Работите на терен ги изведуваат екипите на Урбан Дизајн ДОЕЛ, за што град Скопје ќе издвои 2,7 милиони денари.