ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ТРАЈАНОВСКИ ДАДЕ ОТЧЕТ ЗА РЕАЛИЗИРАНИТЕ ПРОЕКТИ ВО ИЗМИНАТИВЕ 4 ГОДИНИ 01.9.2017

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска /21.08.2017 година, понеделник/ одржа прес-конференција на која го презентираше отчетот за реализираните проекти во изминативе 4 години, поточно за периодот од 2013 до 2017 година.

Градоначалникот Трајановски како најважни ги издвои проширените и реконструираните булевари и улици, изградбата на водоворните, атмосферските и фекалните мрежи, подобрување на работата на јавните претпријатија, новите велосипедски патеки, инвестициите во средните училишта и јавни културни установи во надлежност на Градот и мнгоу други.

- Изминативе 4 години реализиравме неколку стотици проекти, во различни области, на целата територија на Скопје, со кои значително се подобри квалитетот на живеење на жителите на Скопје. Во насока на намалување на сообраќајниот метеж, изминативе 4 години пробивме и проширивме 14.449 метри улици и булевари, а особено сум горд на проширувањето на третиот дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов во Карпош, проширувањето на булеварот Партизански одреди до црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, на проширувањето на првиот дел од булеварот Трета македонска бригада, проширувањето на улицата Маџари, како и првата фаза од изградбата на булеварот АСНОМ. Покрај ова, реконструирани се улици и булевари во должина од 19.784 метри коловоз, меѓу кои на булеварот Јане Сандански, на улиците Кемал Сејфула, Ѓорче Петров, Народни Херои, Алија Авдовиќ, Сарај и многу други. Во овој мандат во оваа насока изградени се и 3 кружни текови, и тоа на бул. Партизански одреди кај Порта Влае, на улицата Лазо Трповски помеѓу општините Чаир и Бутел, како и кружниот тек на 16 Македонска бригада помеѓу населбите Автокоманда и Железара. Покрај овие реализирани проект, во Скопје и во моментов се реализираат голем број на градежни работи, каде во финална фаза на реализација се и проширувањето на третата фаза од булеварот Борис Трајковски, втората фаза од булеварот Трета Македонска бригада, булеварот Христијан Тодоровски Карпош во делот во Чаир и во Бутел, пробивањето на булеварот Србија до улицата Христо Татарчев, како и проширувањето на улицата Тодор Александров. Во моментов се реконструираат и поголем број на булевари и улици, каде како поголеми можам да ги издвојам првата фаза од реконструкцијата на бул. Васко Карангелевски во Аеродром, булеварот Партизански одреди од крстосницата со улицата Френклин Рузвелт до крстосницата со бул. 8 Септември, реконструкциите на главните улици во Глумово и 2-та фаза на улицата Сарај во Општина Сарај, улиците Александар Урдаревски и 2 Македонска бругада во Бутел, улицата Ќемал Ататурк во Чаир и многу други – кажа градоначалникот Трајановски.

Покрај патната инфраструктура, градоначалникот Трајановски се осврна и за останатата комунална инфраструктура која е реконструирана и изградена изминативе 4 години од страна на Градот Скопје, како и проектите за подобрување на јавниот сообраќај и мобилноста во Скопје.

- Изминативе 4 години, во соработка со јавното претпријатие „Водовод и канализација“ изградивме околу 82 километри водоводна мрежа, околу 40 километри фекална канализација и околу 30 километри атмосферска канализација. Во однос на јавниот автобуски превоз, направивме голем напредок каде воведовме нов систем за електронска наплата на билетите и автоматска локација на возилата што придонесе за помодерен, поквалитетен и навремен јавен превоз за граѓаните. Дополнително, во Скопје започна функционирањето и на Центарот за управување и контрола на сообраќајот, со што значително се подобр одвивањето на сообраќајот. Како еден аспект на сообраќајот е секако и развојот на велосипедизмот, преку поголем број на проекти, од кој најважен е проектот за подобрување на велосипедската инфраструктура во Скопје „Скопје Велоград“. Со овој проект се формира ефикасна мрежа на обележани велосипедски патеки коишто ќе бидат поврзани и достапни за користење на велосипедистите. До крајот на 2017 година, планираме да изградиме и реконструираме вкупно 51 километар велосипедски патеки во Скопје. Како еден од проектите за промоција на велосипедот е и давањето на субвенции за набавка на велосиеди, каде годинава доделивме 10 милиони денари или 2.600 граѓани добија субвенции за набавка на нови велосипеди. Нашите напори во објаста на модерниот сообраќај и мобилност беа наградени со признанието „Градски трофеј“ за проактивните политики за одржлив транспорт, мобилност и ефикасен јавен превоз, а бевме избрани и за финалисти во изборот за наградата за Европска мобилност 2016 година која ја доделува Европската комисија – додаде Трајановски.

Градоначалникот Трајановски се осврна и за проектите од областа на животната средина, каде се осврна на новите изградени паркови и зелени површини, како и новите засадени садници.

- Овие 4 години, во делот посветен на животната средина и одржувањето на зеленилото, Градот Скопје прв во регионот набави машина за пресадување дрвја, како и машина со кранска рака, со што дрвјата ќе се заштитат и ќе може лесно да се пресадуваат на друга локација, наместо да се сечат. Она што за мене е особено значајно е што на јавните зелени површини Градот Скопје насади 256.000 листопадни и зимзелени садници, набавени со сопствени средства. Во текот на изминатите четири години на територијата на градот се подигнати околу 330.000 квадратни метри нови зелени површини, каде како најзначајни можам да ги издвојам новиот парк во Аеродром долж бул. АСНОМ, новото зеленило долж бул. Февруарски поход, 3-те дела на Паркот Македонија долж бул. Митрополит Теодосиј Гологанов и многу други – кажа Трајановски.

Градот Скопје изминативе 4 години инвестираше и во реконструкцијата на средните училишта и јавните културни установи коишто се во надлежност на градот, како и во објаста на  спортот и социјалната заштита.

 

Печатената врзија за отчетот за реализираните проекти на Град Скопје за изминативе 4 години, во периодот од 2013 до 2017 година, може да го видите на следната интернет врска.