СКОПЈЕ ЌЕ ДОБИЕ НОВ МОДЕРЕН ЗАБАВЕН ПАРК 21.7.2017

 

 

 

 

 

 
     
 

 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ денеска /21.04.2017 година, петок/ извршија увид во градежните работи на изградба на нов забавен парк во Градскиот парк.

Со новиот забавен парк ќе се изгради нова инфраструктура, придружни објекти и ќе бидат поставени нов забавни реквизити, а овој проект ќе се реализира фазно. Истиот ќе се простира на истата површина како постојаниот Луна Парк и за неговата изградба нема да се зема од зеленилото во Градскиот Парк.

- Изминатиов период започна реализацијата на капиталниот проект за изградба на нов забавен парк со што скопјани по 44 години ќе добијат нов, модерен забавен парк. Забавниот парк ќе се гради на истата локација како стариот Луна Парк, истиот ќе биде на површина од околу 25.000 квадратни метри и со изградбата нема да се зема од зеленилото од Градскиот парк. Изградбата на новиот забавен парк ќе се гради фазно, во повеќе години, и изградбата на истиот, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра. Во првата фаза е предвидена изградба на инфраструктура и објекти кои се неопходни за функционирањето на забавниот парк, како што се влезно излезна партија, објект за администрација, тоалети и други придружни објекти, партерно и хортикултурно уредување, за што се издвоени около 101 милион денари. Паралелно со изградбата на инфраструктурата, во оваа фаза ќе се постават седум реквизити и истите треба да пристигнат во рок од 6 месеци, за што се издвоени околу 130 милиони денари. Во првата фаза ќе се постават 1 адреналински, 2 полуадреналински, еден воз на шини и 3 детски реквизити.– кажа градоначалникот Трајановски.

Во рамки на целиот проект за изградба на новиот забавен парк во Скопје ќе бидат набавени и поставени вкупно 27 реквизити, од кои 3 адреналински реквизити, 6 семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини.

Градоначалникот Трајановски посочи дека додека траат градежни работи, Луна Паркот нема да работи, додека дискотеките коишто се лицирани во постојаниот парк, ќе работат и оваа година (сезона).

Со овие постапки, скопјани конечно ќе добијат нов, модерен забавен парк, со нова опрема и реквизити, кој не е обновен од неговата изградба во 1973 година.