ГРАД СКОПЈЕ ГО ПОМАГА ПЛАНОТ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ СО МЕРКИ ВО ОБЛАСТИТЕ ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР, ЗАЗЕЛЕНУВАЊЕ, ЗАГРЕВАЊЕ И ТРАНСПОРТ 16.1.2019

Инспекцискиот надзор, зазеленувањето, загревањето на домовите и транспортот се четирите сегменти од Планот за чист воздух што се во надлежност на Град Скопје, а за кои се разговараше на денешниот отворен ден за иницијативи на граѓанските организации на тема „Консултација за Планот за чист воздух за 2019 година и временската рамка за спроведување на истиот“, што се одржа во Владата на Република Македонија.

 

  • Ги засиливме инспекциите на сите потенцијални фактори на загадување. Во секторот инспекторат воведовме сменско работење и дежурства кои започнуваат од 6 часот наутро, па до крајот на денот, како и за време на празниците и викендите. Ова предизвика двојно зголемување на казните и опомените, а постигнавме и видливи резултати, значително подобрени во однос на претходните години. Во октомври 2018 година бројот на казните е двојно зголемен во однос на октомври 2017 година. Изречени се околу 220 казни, мандатни казни и налози до извршителите во однос на загадувањето на воздухот и загадувањето на средината. Голем е и бројот на пријави на телефонскиот број 193 на кој се пријавуваат огновите на отворено, а на кој работи тим од социјален работник, пожарникар, полицаец и комунален инспектор кои излегуваат на лице место. Според планот за работа на инспекторите за животна средина на Град Скопје, извршени се по две редовни контроли на сите 40 инсталации кои подлежат на Б–Интегрирана еколошка дозвола, за кои е надлежен Град Скопје. Контролите се интензивирани на градилиштата, со посебен акцент на централното градско подрачје. Се контролираат и другите поголеми градилишта во другите општини, како на територијата на Општина Аеродром каде што се сконцентрирани најголемиот број од градилиштата во моментов. Притоа се контролирани 51 градилиште и врачени се 8 казни и записници за миење на гумите, миење на улиците пред градилиштата и покривање на камионите кои излегуваат од градилиштата со церади – рече денеска Никола Наумоски, раководител на Секторот за поддршка на градоначалникот на Град Скопје.

 

Имајќи предвид дека голем процент од аерозагадувањето доаѓа од затоплувањето на домаќинствата, основањето на АД „Градски енергетски системи“ е најголемиот чекор напред што го презема Градот Скопје за долгорочно решавање на проблемот.

 

  • Со преземањето на топловодната мрежа за парно греење, како и со почнувањето на процесот на гасификација на Скопје, граѓаните ќе можат да добијат поевтин енергенс за затоплување дури и од огревното дрво, што на среден рок ќе резултира со значително намалување на загадувањето. Тука би сакал да апелирам до сите надлежни институции од Владата кои се вклучени во процесот, да ги забрзаат активностите околу преземањето на топловодната мрежа, како и активностите поврзани со гасификацијата на Скопје со цел ефектите од основањето на АД ГЕС граѓаните да можат да ги почувствуваат уште во текот на оваа година. Се разбира, продолжуваме и со субвенционирањето на набавката на печки на пелети и инвертери, а започнавме и со субвенционирање на чистењето оџаци во домаќинствата – нагласи Наумоски.

 

Заради исклучително малиот број лиценцирани оџачари во градот, во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување Градот Скопје реализираше две обуки за оџачари со цел да се зголеми бројот на стручни лица лиценцирани за вршење на оџачарска дејност во градот. Обучени се 15 нови оџачари.

 

  • Преземавме низа конкретни чекори и во делот на транспортот. Што се однесува до нашата иницијатива за налепници за возилата согласно со степенот на загадување, нашиот дел од обврските како институција го завршивме. Очекувам дека во догледно време и другите институции во чија надлежност е овој процес ќе си го завршат својот дел од обврските и дека овој систем наскоро ќе почне да функционира. Обезбедивме средства за 40 еко-автобуси на гас кои очекувам да ги имаме во Скопје кон крајот на оваа, а најдоцна на почетокот на следната година. Стимулираме одржливи форми на транспорт преку субвенционирање велосипеди и електрични тротинети, обезбедување на подобри услови за поголема употреба на електромобилноста, стимулирање на комбинираниот транспорт преку комбинирање на велосипедскиот сообраќај со јавниот транспорт. Посветено работиме на ширењето и подобрувањето на мрежата на велосипедски патеки. Само за една година изградени се и реконструирани нови 12 километри велосипедски и велосипедско-пешачки патеки – рече Наумоски.

Градот Скопје работи и на обновувањето и заштитата на постојното, како и на подигнување ново зеленило. За само една година се реконструирани рекордни 129.000 квадратни метри зеленило, а се засадени над  8.000 висококвалитетни повеќегодишни садници на повеќе локации во градот, при што беа засадувани нови и обновувани постојните дрвореди.

 

  • Од оваа година Скопје е побогат за неколку нови паркови. Ќе ги издвојам паркот „Ибни Пајко“ кај Македонската филхармонија, паркот во Драчево и паркот кај Архитектонскиот факултет. Го реконструиравме и стариот дел од Градскиот парк, како и Финскиот парк во населбата Ченто, а во напредна фаза е и проектот за зелен покрив на ГТЦ. Градот Скопје во соработка со УНДП влезе во напредна фаза од реализацијата на проектот за Зелен катастар на јавните зелени површини во градот, во рамките на кој досега се попишани 65.844 дрвја и 28.395 грмушки во парковското и во булеварското зеленило. Овој проект е од исклучителна важност за управување со урбаното зеленило, минимизирање на непотребното сечење на дрвјата и уништување на зеленилото при планирањето и изведувањето на идните градежни активности во градот. Со помош на Шумарскиот факултет работиме и на мапирање и ослободување на заробени стебла и корења на дрвјата со градежен материјал поставен при нестручно изведени градежни активности – објасни Наумоски.

 

Минатогодишниот буџет за животна средина на Град Скопје беше дотогаш најголемиот буџет издвоен за оваа намена.

 

  • За 2019 година, пак, се предвидени 186,2 милиони денари што е 30% зголемување од минатата година, со што се надминува ветувањето на О2 коалицијата и граѓанските здруженија пред изборите од 3,5% од вкупниот буџет посветен на животна средина дадено пред изборите во 2017-та година. Верувам дека ако продолжиме во оваа насока, со заеднички сили на сите надлежни институции, но и на сите граѓани кои можат на директен или индиректен начин да придонесат за намалување на аерозагадувањето, ќе забележиме позитивни промени во квалитетот на воздухот – нагласи Наумоски.

 

На отворениот ден за Планот за чист воздух за 2019 година учествуваа и дебатираа и заменик- министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина и Ана Чоловиќ Лешоска од здружението „Еко - свест“. Присутните имаа можност да погледнат презентација на иницијативи од претставници на граѓанските организации во врска со Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година.