ВЕЧЕР ПОЧНУВА „ВИНО СКОП 2017“ 27.9.2017

 

На плоштадот „Мајка Тереза“, пред МОБ, вечер /20.09.2017 година, среда/ почнува 11 по ред Фестивал на виното  „ВИНО СКОП  2017“,  Покровител на оваа  традиционална Манифестација е Град Скопје, а организатор ТЕМОВ ФШТ ДОО-Скопје.

 

Град Скопје преку фестивалот на виното – Вино Скоп, ги поддржува  и промовира македонските производители на вина, го презентира долгогодишното производство на вино, нашето културно наследство и традиција и развој на квалитетниот вински туризам, преку дегустација на вино и храна од нашето поднебје.

 

Се е подготвено за почетокот на Вино Скоп 2017 и посетителите на годинешниов фестивал ќе имаат можност да дегустираат повеќе видови вина, кои ќе бидат изложени на штандовите на 10-тина винарии, производители на квалитетно македонско вино коишто ќе понудат нови вкусови на љубителите на доброто вино, презентирани по промотивни цени.

 

Како и изминатите години ќе имаат можност да дегустираат и  вкусни македонски деликатеси коишто одлично одат со добра чаша вино,  а се тоа ќе биде проследено со богата културно-уметничка прогама.

 

На најстариот и најголем фестивал на виното во Македонија ќе настапат: Караванија, одлични џез изведувачи, Калевала- бенд кој изведува традиционални песни од целиот свет, Викторија Лоба , групата Ај Кју, Нокаут со старо-новите хитови, Дј Александар Јорданов, Поп  Арт  Бенд со преработки на македонски песни, Нина Јанева со 2 Егзит, Фиц, фронтменот на Студени Нозе кој ќе ги исполни сите легендарни песни од бендот,  надежниот поп-рок бенд Чил Плеј, мајсторот за добра атмосфера Миле Кузмановски, дуото Куку Леле, етнобендот Баклава, чии песни звучат светски и српскиот бенд Министарке.

 

За оние што сакаат да се напијат вино по работното време во четврток и во петок, ќе има „ афтерворк“ забави со рок, блуз и џез бендови, а за  боемите и љубителите на доброто  македонско вино годинава е  предвидено  и викенд матине кое ќе почнува на пладне во сабота и во недела, а ќе ги забавуваат познати тамбураши и чалгии.

 

 

Вечерните забави ќе започнуваат во 21 часот, додека пак дневните во четврток и во петок од 17 часот, а во сабота и  во недела во 12 часот.

Како и секоја година влезот е бесплатен, а во околината има три големи паркинзи каде што може да паркираат оние што ќе доаѓаат со возила, но секако препорачуваме сите што планираат да консумираат алкохол да не возат, туку да користат јавен превоз или такси.

Фестивалот кој го слави пијалакот на боговите - Вино Скоп 2017 и оваа година е под покровителство на Градот Скопје кој за негова реализација од Буџетот издвои 700. 000 денари.

 

 

 

 

Ве покануваме да дојдете и да ја дочекаме есента заедно!