ШИЛЕГОВ ВО ФРАНЦУСКОТО МНР: СОРАБОТКАТА МОРА ДА СЕ ПОДОБРИ 02.4.2018

Петре Шилегов ги продолжува средбите во Париз во рамки на својата официјална посета како Градоначалник на Скопје.

По средбите со француските стопанственици, тој вчера и денеска имаше средби со администрацијата на градот Париз, а имаше и состанок во Директоратот за Континентална Европа при француското МНР.

Со заменик-градоначалникот на Париз, Кристоф Најдовски, задолжен за јавниот сообраќај во градот, се дискутираа развојните визии на новата градска администрација и искуствата кои главниот град на Франција може да му ги пренесе на Скопје. Двајцата разменија мислења за можноста за воведување на трамвајскиот превоз во Скопје, системи за споделување велосипед и возила (bike-share и car-share), а разменија и искуства во спроведувањето на паркинг политиките во двата града. Најдовски понуди помош во изработката на идните планови и стратегии по овие прашања од Градот Париз.

Во Директоратот за Континентална Европа при француското МНР, Шилегов говореше за интензивираната меѓународна активност на Град Скопје и за потребата од зголемена градска дипломатија со главните европски градови, покрај редовната соработка со збратимените. Градоначалникот на Скопје доби признание за неговата активност за затоплувањето на односите со соседите и успешноста на посетата на Атина минатиот месец. Двете страни се согласија дека соработката мора да се засили и дека Скопје и Македонија треба поактивно да се вклучат во активностите на Меѓународната Организација на Франкофонијата, па на средбата се разговараше за политички, културни и за образовни проекти на тој план.