НАД 1300 ПОДНЕСЕНИ БАРАЊА ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА НАБАВКА НА ВЕЛОСИПЕДИ 30.5.2018

До крајот на вчерашниот ден на шалтерите на Град Скопје се поднесени над 1300 барања за субвенции за купување велосипед, што говори за голем интерес на граѓаните за добивање средства за надоместок на дел од трошоците.

Со овој јавен повик, Градот Скопје на граѓаните кои ќе купат велосипед од денот на објавувањето на Јавниот повик (од 21.04.2018 година), заклучно со 31.08.2018 година, ќе им надомести дел од трошоците направени при купување велосипед, односно адаптиран велосипед за лица со телесна инвалидност.

Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, како и 50% од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

За субвенционирање на граѓаните за набавка на велосипеди во буџетот на Град Скопје за 2018 година, се предвидени 10 милиони денари, од кои 9 милиони денари се предвидени за субвенции за велосипеди, додека 1 милион денари за адаптирани велосипеди за лица со телесна инвалидност.

 

Јавниот повик се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.

 

Целиот јавен повик граѓаните можат да ги видат на следната интернет врска. 

 

Правилникот за користење финансиски средства од буџетот на Град Скопје за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди за 2018 година граѓаните можат да ги видат на следната интернет врска.

 

Барањето за добивање на субвенции граѓаните можат да го превземат на следната интернет врска.

 

 

 Субвенционирањето на граѓаните за набавка на велосипеди е една од мерките на Градот Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство, чие користење има многу придобивки: истото е финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух.