„15-ТИ МАРТ – СВЕТСКИ ДЕН НА ПРАВАТА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ 2016: АНТИБИОТИЦИТЕ НАДВОР ОД МЕНИТО!“ 25.3.2016

Во Агенцијата за електронски комуникации вчера, по повод 15-ти Март- Светски ден на правата на потрошувачите се одржа конформација под мотото „Антибиотиците надвор од менито!“, на која присуствуваа 70 учесници од државните институции што имаат надлежности во доменот на заштитата на правата на потрошувачите, јавните претпријатија кои нудат услуги на потрошувачите, како и од невладиниот сектор.

Поздравни обраќања имаа Државниот Секретар на Министерството на економија Анета Димовска, Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, Претседателот на Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје Марјан Додовски и Претседателот на Организацијата на потрошувачите на Македонија Маријана Лончар Велкова.

Државниот секретар при Министерството за економија, Анета Димовска, зборуваше за работата на министерството во минатата година во доменот на заштитата на потрошувачите и  се осврна на Програмата за заштита на правата на потрошувачите во 2015 година која беше успешно спроведена од ОПМ, како и активностите во Програмата за заштита на правата на потрошувачите во 2016 година, кои што треба допрва да бидат спроведени. Исто така, таа ги информираше присутните дека во минатата година беше изработен RoadMap кој ќе послужи за изработка на стратегијата за заштита на потрошувачите, во која треба да се влезе и донесувањето на нов Закон за заштита на потрошувачите со кој подобро ќе се регулира оваа сфера и неговата примена ќе биде поедноставна за сите. Беа споменати и пријавите на потрошувачите кои биле доставени до Државниот пазарен инспекторат како орган во состав на министерството, и најчестите проблеми со кои се соочувале потрошувачите во изминатата година.

Потоа на присутните им се обрати Претседателот на Организацијата на потрошувачите Маријана Лончар Велкова. Таа ги информираше учесниците за активностите на ОПМ во изминатата година, и пријавите кои пристигнаа до советодавните бироа во тој период. Потоа се осврна на спроведувањето на Програмите за заштита на потрошувачите за 2015 година на Министерството економија, Град Скопје и Агенцијата за храна и ветеринарство. ОПМ во текот на 2015-тата година спроведе голем број на семинари и работилници ширум републиката, испечати бројни брошури, летоци, лифлети и еден водич, кои опфаќаат најразлични домени од заштитата на потрошувачите, нивните права и обврски.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски ги запозна учесниците со безбедноста на храната која се произведува и консумира на територијата на Република Македонија. Тој истакна дека храната е безбедна и дека таа редовно се контролира како во производството, така и при продажбата. Во однос на употребата на антибиотиците во производството на месо и месни производи наведе дека строго е забрането производство на месо од животни кои имаат примено антибиотици, односно кои содржат ниво на антибиотици над законски утврдениот максимум.

Претседателот  на Советот за заштита на правата на потрошувачите на Град Скопје, Марјан Додовски, ги запозна присутните со активностите на Советот во изминатата година и најави дел од активностите предвидени во Програмата за заштита на потрошувачите за 2016 година. Потоа тој го промовираше Водичот низ комуналните услуги на Град Скопје  каде што се дадени сите најважни информации кои им се потребни на потрошувачите кои ги користат овие услуги.

Во Водичот се наведени информации за контакт со јавните претпријатија Водовод и канализација, Комунална хигиена, како и БЕГ Топлификација итн., како и надлежните институции и нивните надлежности во доменот на комуналните услуги.

Професорката д-р Лидија Петрушевска Този од Фармацевтскиот факултет како претседател на работната група за исхрана при ОПМ ја промовираше новата веб страница која ја изработи ОПМ со поддршка на фондот „Ане Франсен“ со назив: „Знаете ли што јадете? Совети за правилна исхрана“ (www.pravilnaishrana.mk). Овој веб-сајт е развиен за да ги информира потрошувачите за правилната исхрана и нејзината важност за здравјето, и да даде практични совети и алатки преку кои ќе им се овозможи правилен избор на прехранбени производи.

На сајтот може да се најдат информации за тоа колкава количина на енергија и основни прехранбени состојки се потребни во текот на еден ден, да се распределат намирниците меѓу трите главни оброка во текот на денот, и за тоа како да се утврдат нивните енергетски и нутритивни содржини. Објаснето е и значењето на нутритивната етикета на прехранбените производи, и дадени се насоки за нејзино читање и толкување. Сајтот содржи и информации за тоа како да ги препознаете триковите кои ги користат производителите и трговците на храна, но и за влијанието на прехранбените избори кои ги правиме врз животната средина.