ШИЛЕГОВ НАЈАВИ НОВ КОРИДОР СО МОСТ НА ВАРДАР 01.7.2018

 

 

Градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција го најави новиот инфраструктурен проект за изградба на нов коридор со мост преку реката Вардар. Новиот мост ќе го поврзува булевар АСНОМ кај хотелот Русија, преку Вардар, низ населбата Ќерамидница, се до раскрсницата кај скопското сајмиште.

- Градот Скопје ја започна постапката за изградба на коридор за поврзување на Аеродром, Гази Баба и Центар. Пробивањето на овој сообраќаен коридор ќе даде исклучителна развојна компонента на градот и истиот ќе овозможи да патуваме побрзо и побезбедно. Од Ново Лисиче до Саем или од Автокоманда до ТЦ Бисер со автомобил ќе се стигнува за само 5 минути. Времето на движење за велосипедистите и пешаците, исто така, ќе биде драстично намалено – рече Шилегов.

Новиот проект освен нов мост преку Вардар во должина од 120 метри предвидува и пробивање на нов и реконструкција на стар булевар во вкупна должина од 2170 метри, 5 вкрстувања, 6 коловозни ленти, велосипедски патеки во двете насоки, пешачки патеки и дрвореди. Новиот коридор во градот задолжително ќе биде проследен и со нови автобуски линии на јавниот градски превоз.

- На граѓаните на Скопје им се потребни решенија што трајно ќе го ослободат градот од сообраќајниот метеж, тие заслужуваат брз и безбеден сообраќај, а ова е само почеток на еден процес кој води до постигнување на таа цел - потенцираше Шилегов.

За потсетување, во Скопје денес постојат девет мостови за моторизиран сообраќај преку Вардар. Но, општината со најмногу жители – Аеродром, и онаа со најголема економска активност – Гази Баба сега се поврзани со само еден мост.

Проектот којшто беше презентиран денеска е предвиден во ГУП од 1965-та година, а досега за него никој во Градот ја немаше изготвено основната планска документација. Градбата на овој коридор со мост предвидено е да биде завршена во рок не подолг од 24 месеци од почетокот на градежните работи.