ПРЕЗЕНТИРАНА УЧИЛИШНАТА СООБРАЌАЈНА ЕДИНИЦА НА СУГС „БОРО ПЕТРУШЕВСКИ“ 01.4.2017

Во насока на зголемување на безбедноста во соообраќајот, денеска /02.03.2017 година, четврток/ беше презентирана училишната сообраќајна единица во рамки на СУГС „Боро Петрушевски“.

Станува збор за училишната сообраќајна единица која е формирана во рамки на проектот на Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата во град Скопје.

На презентација на училишната сообраќајна единица присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Стојче Стаменковски, директорот на СУГС „Боро Петрушевски“, Соња Ристовска и претставници на Министерството за внатрешни работи.

- Оваа единица е формирана по препорака на Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата во град Скопје и нивна цел е зголемување на безбедноста на сообраќајот во Скопје. Во училишната сообраќајна единица членуваат 20 ученици од втора, трета и од четврта година и истите ги исполнуваат условите предвидени со Правилникот за организација, обука и начин на работа на училишните сообраќајни единици. Членовите на училишната сообраќајна единица во наредниот период ќе работат на терен заедно со претставниците од Министерството за внатрешни работи, каде што ќе работат на подигање на јавната свест и свеста за  одговорноста на сите учесници во сообраќајот и ќе ги предупредуваат и едуцираат сите учесници во сообраќајот коишто ги прекршуваат сообраќајните правила. Членовите на училишната сообраќајна единица во рамките на СУГС „Боро Петрушевски“ поминаа теоретска и практична обука, којашто е реализирана во 36 наставни часови, на која  тие беа едуцирани за повеќе области од сферата на сообраќајот, како што се сообраќајните знаци и ознаки на коловозот, правилата на сообраќајот на патиштата, возачките исправи, регистрација на возилата, хуманите односи меѓу учесниците во сообраќајот и слично. По обуката сите членови на оваа единица добија соодветни сертификати – кажа градоначалникот Трајановски.

Претседателот на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, Стојче Стаменковски, изјави дека формирањето на оваа единица значително ќе се придонесе за зголемување на свеста на граѓаните за опасностите кои може да настанат со несоодветно движење и непочитување на правилата, а со тоа и на општата безбедност во сообраќајот.

- По примерот на голем број  европски метрополи, а согласно со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Градот Скопје во соработка со Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот, ја промовираме оваа сообраќајна единица. За нас е значајно да ги потенцираме двата аспекти и продобивки што ќе се добијат од промовирањето на оваа единица. Првиот е сообраќајниот аспект, каде што влегува намалувањето на сообраќајниот метеж, зголемувањето на безбедноста во сообраќајот, како и намалување на бројот на сообраќајни незгоди. Вториот е едукативниот аспект, каде што ќе ја едуцираме помладата популација за сообраќајните правила и култура – изјави Стаменковски.

Членовите на училишната сообраќајна единица, согласно со Правилникот за организација, обука и начин на работа на училишните сообраќајни единици, ќе бидат препознатливо облечени во портокалови елеци на кои е напишано името „Училишна сообраќајна единица“ и безбол капчиња со кратенката „УСЕ“. Покрај облеката ќе бидат опремени и со сите потребни реквизити за регулирање на сообраќајот.

Проектот за формирање на првата училишната сообраќајна единица, покрај Град Скопје и Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата во Град Скопје и автосообраќајниот училишен центар СУГС „Боро Петрушевски“, стручно и материјално го помогнаа Министрството за внатрешнии работи, СВР Скопје-Одделение за превенција, Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и ЈСП-Скопје.