ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА - ПРИОРИТЕТ МЕЃУ ПРОЕКТИТЕ НА ГРАДОТ СКОПЈЕ ЗА 2018 ГОДИНА 24.1.2018

Градоначалникот Петре Шилегов денеска ги презентираше најзначајните проекти на коишто ќе работи Градот Скопје во 2018 година, а се предвидени во Буџетот на градот за наредната година.

- За наредната 2018 година, вкупниот буџет на Град Скопје е проценет на 6,2 милијарди денари, односно е за 10% помал од буџетот за 2017 година. Ова се должи на фактот дека се скратени сите непродуктивни трошоци, а истиот се заснова врз реални приходи и расходи. Буџетските средства ќе се користат строго наменски, транспарентно, домаќински и одговорно, преку редовно известување за сработеното. Скопје со новиот буџет започнува да се трансформира, ќе бидете горди што ќе бидете дел од новата приказна. Продолжуваме со проекти што се за доброто на граѓаните. Истовремено ќе почнеме и со нови проекти – за животната средина, за подобрување на условите за велосипедистите и пешаците, регистер за кучињата, подобрување на хигиената во градот, јавниот превоз и многу други – рече денеска Шилегов.

Тој објасни дека Буџетот за 2018 година е сублимат од веќе започнатите проекти и од нови, поинакви проекти што ќе значат здрава животна средина, подобри сервисни услуги за граѓаните, подобри услови за велосипедистите и пешаците, решавање на повеќегодишниот наталожен проблем со кучињата скитници, проекти во коишто граѓаните и нивните интереси ќе бидат приоритет на Град Скопје.

- Акцентот го ставаме на подобрување на животната средина, на развивањето на транспортната мрежа, дел за патната и комуналната инфраструктура, изградба на системи за водоснабдување, односно за инвестиции што ќе придонесат индиректно и подобар економски раст и развој на нашиот град. Коалицијата О2 не обврза со тоа дека буџетот за заштита на животна средина и природа не смее да биде под 3,5% од вкупниот буџет и да не биде под 3% за капитални расходи во истата категорија и со 90-100% оствареност. Тоа го надминуваме и проектираме капитални проекти во делот за животната средина на дури 4,2% од основниот буџет на Град Скопје – нагласи Шилегов.

Шилегов најави дека за наредната година, се предвидуваат 30 милиони денари за велосипедски патеки, односно тројно повеќе средства од буџетот за 2017.

- Ќе инвестираме 10 милиони денари за набавка на корпи за отпадоци и клупи, следејќи ја нашата мисија за чисто и урбано Скопје. За потсетување, оваа година биле издвоени само 4 милиони денари за таа намена. Вложуваме двојно повеќе средства во образованието, односно 163.200.000 денари кои ќе се искористат за подобрување на целокупниот образовен систем. Обезбедуваме бесплатен превоз за сите средношколци во Скопје. За реализација предвидовме 18 милиони денари. Сите средни училишта во Градот ќе добијат енергетско-ефикасни фасади со вкупна вредност од 90 милиони денари. Средствата за оваа намена во 2018 година се речиси трипати поголеми од оние што биле предвидени за оваа година – рече Шилегов.

Градоначалникот денеска појасни дека парите наменети за секторот за животна средина во 2018 година изнесуваат 141.200.000 денари и се речиси трипати повеќе од оние предвидени со сегашниот буџет.

- За идната година обезбедуваме 10 милиони денари за изградба на зелени покриви; 1,6 милиони за обука на оџачари; го продолжуваме субвенционирањето за набавка на печки на пелети, во вредност од 15 милиони денари и за набавка на велосипеди во висина од 10 милиони денари. Ќе обезбедиме системско решавање на проблемот со кучињата скитници преку подобрување на условите на згрижените кучиња во „Вардариште“ и преку започнување на изготвување Регистар на домашни и кучиња скитници. За реконструкција на стационарот предвидуваме 10 милиони денари – рече Шилегов.

За набавка на прочистувачи на воздухот – јонизатори за училниците во средните училишта на Град Скопје се обезбедуваат 12 милиони денари.

- Обезбедуваме субвенции за граѓаните за набавка на инвертери за затоплување во вкупна вредност од 10 милиони денари. Издвојуваме 6 милиони денари за оптимален модел на мрежата на линии на јавниот градски превоз. Инвестираме во јавниот превоз преку набавка на екоавтобуси, односно субвенционираме набавка на екоавтобуси на ЈСП во висина од 100 милиони денари – нагласи Шилегов.