ПРОЛЕТНА АКЦИЈА ЗА САДЕЊЕ ДРВЈА НА ТЕРИТОРИЈАТА НА ГРАД СКОПЈЕ ВО ПАРКОТ НА ПРИРОДАТА ГАЗИ БАБА 20.4.2017

 

 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, директорот на ЈП„Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ и директорите и учениците на повеќе средни училишта коишто гравитираат на ова подрачје, денеска /30.03.2017 година, четврток/, учествуваа во садењето на околу 60  листопадни садници  во паркот на природата „Гази Баба”.

- Денеска во паркот на природата Гази Баба ја продолжуваме акцијата за садење  5.000 садници во Скопје, како дел од акцијата на Градот што започна изминатата есента за засадување 250.000 дрвја на територијата на град Скопје. Во рамките на пролетната акција заедно со општините  ќе засадиме  5.000 квалитетни садници по дрвореди и во средишното зеленило  на булеварите, на јавните зелени површини, парковите, како и во Спортскиот центар во Сарај. Како што веќе знаете акцијата ја реализираме според планот  за садење  на ЈП „Паркови и зеленило“. Само на оваа локација во паркот на природата „Гази Баба“  се засадени 650 дрвја. Оваа ледина беше гола и минатата година и годинава на неа се засадени околу 1.000 садници. Дрвјата што беа лани засадени во текот на летото  ги наводнувавме и околу 25 % од нив се разеленети. Истото ќе го правиме и ова лето за да можат садниците да опстојат на високите температури. Оваа акција планираме да ја продолжиме и наесен и да придонесеме за почист воздух, почиста животна средина и за зачувување на здравјето на граѓаните - истакна Градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, изјави дека со  задоволство се вклучуваат во оваа акција за пошумување на голите места или местата што биле зафатени од пожари во шумата Гази Баба. Тој апелираше до граѓаните коишто доаѓаат да се рекреираат и да уживаат во нејзината убавина посовесно да се однесуваат при нивниот престој, бидејќи таа е второто белодробно крило на Скопје.

Директорот на ЈП„Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ, им се заблагодари на вработените, како и на градоначалникот Коце Трајановски за неговото настојување да се реализира оваа голема акција за садење квалитетни садници на територијата на град Скопје и посочи дека листопадните садници се набавени од ЈП„Паркови зеленило“ со финансиски средства издвоени од Буџетот на Град Скопје.

Во денешното садење во парк-шумата Гази Баба учествуваа и учениците од средните училишта „Панче Арсовски“, „Цветан Димов“, „Арсени Јовков“, „Боро Петрушевски“ и „8 Септември“.