ЕЛЕКТРИЧНИ ВОЗИЛА, БЕЗБЕДНОСТ ВО СООБРАЌАЈОТ И ХЕРОИ ВО АВТОБУС 01.10.2017

На полигонот во кампусот на техничките факултети денеска /19.09.2017 година/ се одржа промоција на електрични возила како дел од активностите во четвртиот ден од Европската недела на мобилност 2017. Посетителите на изложбата и учениците од СУГС „Никола Карев“, СУГС „Орце Николов“ и ОУ „Вера Циривири Трена“ имаа можност да погледнат електрични возила со кои располагаат Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“, полнач за електрични возила, конвертирано електрично возило, електричен автомобил Mitsubisi MiEV и електрично картинг возило изработено од студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје, под менторство на своите професори. Овој настан е во организација на Град Скопје, НВО Електромобилност Македонија, ЈП „Градски паркинг“, ФЕИТ и Машински факултет.

 

Во дворот на СУГС „Боро Петрушевски“, пак, се одржа брзинска трка со велосипеди, презентација на практичните умеења на учениците од АСУЦ „Боро Петрушевски“ (изложба), како и предавања за велосипедскиот сообраќај, сообраќајните правила и прописите за безбедност во сообраќајот. Во дворот на ова училиште беше поставен и камион училница - лабораторија на тркала во која учениците од средните училишта „Боро Петрушевски“, „8.Септември“ и „Михајло Пупин“ се едуцираа за придобивките од користењето одржлив транспорт и ефектите врз природата, климатските промени и СО2 емисиите.

 

Во автобусите на ЈСП учениците што користат јавен превоз имаа можност да се фотографираат со своите херои Спајдермен и Бетмен. Герила акцијата со едукативни пораки за одржлив транспорт денеска ќе биде на раскрсницата кај Соборниот храм.

 

Градот Скопје и годинава ја одбележува Европската недела на мобилноста 2017 и во периодот од 16 до 22 септември за граѓаните нуди низа активности посветени на алтернативното и одржливо движење.