ПОЧНА НАЈАВЕНАТА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА 09.8.2018

Градоначалникот Шилегов денеска одржа прес-конференција во СУГС „Кочо Рацин“ каде што е во тек реконструкцијата на училишниот објект.

 

- Како што најавивме на почеток на оваа година Градот Скопје во текот на летниот распуст почнува голема реконструкција на 11 средни училишта во нашиот град. Ние мислиме на загадувањето и во летниот период  и перманентна и константна е нашата работа. Го решивме проблемот со Дрисла, со Усје, решаваме еколошки проблеми во текот на летото за да немаме многу проблеми во текот на зимата. Еден од овие проекти  е и решавањето на енергетската ефикасност на објектите коишто се под надлежност на нашиот град како што се средните училишта. Оваа акција која што започнува денеска, треба да заврши до крајот на летниот распуст со цел децата непречено да одат на настава - кажа Шилегов.

 

 

Тој додаде дека  во овие училишта ќе се изврши целосна реконструкција на фасадите со цел тие да станат енергетски ефикасни,  а во преостанатите средни училишта во Градот ќе се изврши целосна реконструкција на внатрешноста и замена на столаријата онаму каде што е потребна.

 

Висината на средствата што се планирани за оваа намена изнесува речиси 60 милиони денари, од кои 46 милиони денари се за фасади, а преостанатите за санација на санитарни јазли, подови, врати, електрика, греење, во вкупно 12 училишта во градот. Овие средства се обезбедивме со пренамена на средствата предвидени за Скопје 2014.

 

-       Нашите приоритети се трошење за вистинските потреби на граѓаните, за вистинските потреби на нашите најмили, на децата. Нашата цел е овдека во училиштата да овозможиме нормални услови за функционирање на децата, меѓутоа уште повеќе достоинствени услови за просветните работници кој што го водат едукативниот процес. Градот Скопје не застанува овде, при  крај е постапката за целосна реконструкција на средните училишта Цветан Димов и Марија Кири Склодовска  - истакна Шилегов.

 

Тој посочи дека Градот се грижи за сите граѓани подеднакво, затоа што секој треба да има услови за нормално функционирање и живеење.

 

- Внатре во санитарните јазли, изработуваме посебни тоалети за децата со посебни потреби.  бидејќи секој во Скопје има право на еднаква шанса, секој во Скопје има право на живот- нагласи Шилегов.

 

За да се подобрат условите во кои учат средношколците, Градот Скопје и оваа година, во текот на летниот распуст, ќе ги обнови и реконструира објектите на Димитар Влахов, Јосип Броз Тито, Орце Николов, Кочо Рацин, Никола Карев, Боро Петрушевски, Здравко Цветковски, Панче Арсовски, Сарај, Панче Караѓозов и на Михајло Пупин.