ГРАД СКОПЈЕ РЕКОНСТРУИРА ГОЛЕМ БРОЈ УЛИЦИ, НА РЕД ДОЈДЕ УЛИЦАТА АЦО ШОПОВ ВО КАРПОШ 14.9.2018

 

Градоначалникот Шилегов денеска изврши увид во градежните работи за реконструкција на улицата Ацо Шопов, во општината Карпош. На оваа улица веќе се гребе стариот асфалт, ќе се постави порамнителен слој, како и нов асфалтен слој.

 

Оваа реконструкција се одвива на потегот од крстосницата со улицата Марк Твен до кружниот тек кај булеварот Партизански одреди, на должина од 1.088 метри и површина од 8.213 квадратни метри.

 

- Реконструкцијата на улицата Ацо Шопов е предвидено да заврши во ноември оваа година, а за истата Град Скопје ќе потроши 5,9 милиони денари со вклучен ДДВ. Оваа сообраќајница секојдневно ја користат огромен број жители и истите заслужуваат безбедни улици без дупки каде што движењето ќе се одвива непречено и брзо во согласност со законски пропишаната брзина. Продолжуваме со редовната реконструкција на сите оштетени улици со цел побрз, побезбеден и поефикасен сообраќај во нашиот град – рече денеска Шилегов.

 

Имајќи предвид за големата сообраќајна фреквентност на оваа улица, градоначалникот апелираше до граѓаните да покажат разбирање до завршувањето на реконструкцијата и да се придржуваат на привремено поставениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.

 

 

Градот Скопје во наредните денови ќе ја почне реконструкцијата на булеварот Партизански одреди, од мостот „Обединети нации“ до Ѓорче Петров и изградбата на новопроектираниот булевар Босна и Херцеговина, а ќе продолжи и изградбата на булеварот Христијан Тодоровски Карпош. Продолжуваме со изградба на улиците Брадфордска и Лондонска во Карпош, како и улицата Антон Попов во Кисела Вода.