ЦЕЛОСНО РЕКОНСТРУИРАНА УЛИЦАТА ВАСКО КАРАНГЕЛЕВСКИ 10.11.2017

 

 

 

 

Деновиве заврши реализацијата на првата фаза од проектот за реконструкција на улицата Васко Карангелевски во Аеродром.

Увид на реконструираната делница на улицата „Васко Карангелевски“ денеска извршија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајaновски, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.

- Во оваа фаза целосно го реконструиравме коловозот на улицата „Васко Карангелевски“, на потегот од раскрсницата со булеварот „Јане Сандански“ до раскрсницата со булеварот „АСНОМ“. Со овој градежен зафат, на должина од 600 метри беше изгребан стариот и оштетен асфалт, беше вградена полимерна мрежа за засилување на носечкиот слој и беше нанесен нов асфалт. Во текот на градежните работи на оваа делница беа нивелирани 30 шахти и сливници, каде што се јави потреба беа заменети рабниците, а беа санирани и тротоарите. Со реализацијата на овој проект ќе се зголеми проточноста и значително ќе се подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот – кажа градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот Трајановски спомена дека во тек се постапките и се изготвува соодветната документација и за реконструкцијата на булеварот „Февруарски поход“, на потегот од бул. „Видое Смилевски Бато“ до бул. „АСНОМ“.

Градоначалникот Коневски искажа благодарност за реализацијата на овој капитален проект и на многу други, со што уште еднаш се потврдува одличната соработка на Градот Скопје и Општина Аеродром. Според него, сите овие проекти се реализираат во насока на подобрување на квалитетот на живот на жителите на Аеродром.

На терен работеа екипите на градежната компанија „Пелагонија“ од Гостивар, додека за овој градежен зафат Градот Скопје вложи 7,8 милиони денари.