САЕМ ЗА ВОЛОНТЕРСТВО И АКТИВНО ГРАЃАНСТВО „АКТИВНО ГРАЃАНСТВО = ПОДОБРО ОПШТЕСТВО“ 15.12.2017

Вчера (06.12.2017 година, среда) во Младинскиот културен центар се одржа Саемот за здруженија на граѓани за волонтерство и активно граѓанство на Град Скопје.

НВО Саемот, кој се одржа по трет пат, оваа година беше организиран под мотото „Активно граѓанство = подобро општество“.

НВО саемот се организираше со цел да им овозможи платформа на здруженијата на граѓани и фондации кои се регистрирани на територија на Град Скопје за презентирање на своите активности пред јавноста, како и да овозможи подобрување и продлабочување на соработката помеѓу здруженијата и фондациите преку размена на искуства и вмрежување.

Саемот го отворија Ловрен Маркиќ, Раководител на Секторот за меѓународна соработка и соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации на Град Скопје и Никола Станкоски, директор на Волонтерски центар Скопје.

- Сакам да се заблагодарам на присуството на сите претставници на здуженијата на граѓани и фондации на овој трет по ред саем на невладини организации. Навистина ми е драго што од година во година се зголемува интересот и бројот на  учесници на овој саем и се надевам дека овој тренд ќе продолжи и во иднина. Овој саем претставува одлична можност на здруженијата на граѓани да ги престават своите активности како пред граѓаните, така и пред преостанатите здруженија, како и да ја подобрат меѓусебната комуникација и соработка – кажа Маркиќ.

Маркиќ пред присутните напомена дека во рамките на Младинскиот културен центар, Градот Скопје има формирано посебен НВО центар, каде што сите заинтересирани здруженија и фондации од Скопје можат бесплатно да го користат.

И оваа година Саемот за здруженија на граѓани за волонтерство и активно граѓанство го привлече вниманието на јавноста, имаше рекордна посетеност и учество на над 70 здруженијата и фонациите од Скопје.

Саемот за здруженија на граѓани за волонтерство и активно граѓанство на Град Скопје се организира како дел од активностите за одбележување на 5-ти декември,  Меѓународниот ден на волонтерството. Овој саем е во организација на здружението на граѓани „Волонтерски центар Скопје”, а финансиски е поддржан од Град Скопје.