ШИЛЕГОВ: СО БУЏЕТОТ ГО ПОДОБРУВАМЕ ЖИВОТОТ НА ГРАЃАНИТЕ ВО СКОПЈЕ 11.7.2018

На денешната дванаесетта седница на Советот на Град Скопје советниците расправаа  по Предлог-изменувањето и дополнувањето на Буџетот на Град Скопје за 2018 година.

 

- Со предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Град Скопје за 2018 година вкупниот буџет се зголемува за 80 милиони денари, што претставува зголемување од 1,3% во однос на првичниот буџет. Зголемувањето се врши во буџетот на дотации, заради буџетирање на непотрошениот вишок на приходи од минатата година (63 милиони денари) и поголемата дотација за 2018 година во областа на средното образование и културата (15 милиони денари). Зголемување се предлага и во буџетот на донации, (28 милиони денари) согласно со динамиката на реализација на донаторските проекти и воведување нови донаторски проекти – рече денеска градоначалникот Шилегов, пред советниците.

 

Тој додаде дека Основниот буџет во вкупен износ е намален за 27 милиони денари, при што се предлагаат повеќе измени по програми и проекти во согласност со проценетата динамика на реализација на започнатите проекти и роковите на извршување на склучените договори и се предлага реализација на нови капитални проекти.

 

Најголемите промени во вкупните предвидени средства се однесуваат на секторот за комунални работи каде што е предвидено зголемување на средствата за 67.150.000 денари, како и на секторот за сообраќај каде што е предвидено намалување за 104.850.000 денари. Промени во буџетот има и во секторите за планирање и уредување на просторот (намалување од 17,39 милиони денари), јавни дејности (намалување од 10,36 милиони денари) и локален економски развој. Незначителни промени има и во секторите за информатичка технологија и модернизација, животна средина, образование, меѓународна соработка, инспекторат, како и Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Во делот на комуналните работи најголемото зголемување се однесува на реконструкција и подигнување на јавно зеленило каде што се предвидени дополнителни 40 милиони денари. За расчистување на диви депонии предвидени се дополнителни 5 милиони денари – објасни Шилегов.

 

Во делот на капитални расходи од областа на урбанизмот предвидени се средства кои претходно не беа предвидени, а се однесуваат на можна изградба на улиците Есенинова и Боца Иванова; реконструкција на булеварот Никола Карев; изградба, одржување и реконструкција на улиците Брадфордска, Македонскокосовска бригада, Андон Димитров (Жарко Зрењанин) и Живко Фирфов (Ужичка Република); како и на изградба, реконструкција и одржување на мали плоштади.

 

Во измените на буџетот предвидени се и дополнителни 15,5 милиони денари за основање на новото АД за енергетски дејности со кое граѓаните на Скопје ќе добијат брзо и евтино приклучување на системот на топлинска енергија, како и започнување на процесот на гасификација на Скопје.   

 

На денешната седница се дискутираше и за измените во Планот на програмите за развој за периодот  2018 – 2020 година, кои се предлагаат согласно со динамиката за реализација на развојните проекти во 2018 година и во следните две години. Планот на програмите за развој за периодот  2018 – 2020 година, ги вклучува сите капитални проекти чија реализација ќе се одвива низ повеќе фази во текот на две или повеќе години, а имаат за цел да го модернизираат и осовременат урбаниот развој на нашиот град и да го подобрат секојдневното живеење на граѓаните.