УЛИЦИТЕ ПРЕПЛАВЕНИ ОД УЧЕСНИЦИТЕ НА СКОПСКИОТ МАРАТОН 14.6.2017

Кениските маратонци и годинава најдобри на традиционалниот 13-ти Виз Ер Скопски маратон 2017. Низ улиците на Скопје трчаа над 8.500 пријавени учесници, а градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска, го означи стартот на трките и им ги додели наградите на најдобрите на маратонот.

 Прв на целта пристигна Киротич Кируи од Кенија по истрчани 2.14.58 часа,  оставајќи ги зад себе сонародниците Едвин Кипруто Кирва и Самуел Кимутаи Киптум. Во женска конкуренција, Стела Барсосио од Кенија помина прва  со  2.33.40 часа, втора беше нејзината сонародничка, Салина Јебет, а Гладис Бивот исто така од Кенија  беше трета. На најдобрите на маратонот наградите и дипломите им ги доделија градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и Тања Панделеска, претседател на организациониот одбор на Скопски маратон 2017.

Во полумаратонот, патеката во должина од 21.097 км, прв ја помина нашиот Дарио Ивановски, кој ја истрча патеката  за еден час и 11 минути и 26 секунди, пред своите сонародници Атанас Анчевски и Милош Ранчич. Кај дамите први низ целта помина  промоторките на годинешниов Скопски маратон, трите близначки од Естонија Леила,  Лили и Лина Луик и ги освоија првите три места.

 

На трката на пет километри кај жените најбрза беше Марго Бојаџиев од Македонија, втора на целта стигна Рената Соколовска, исто така од Македонија, а  трета беше Наџме Бургуч од Турција. Кај мажите најбрз беше нашиот Богдан Цветковски, втор беше Илија Миленкович од Србија, а трет Горан Мојановски од Македонија.

Организатори на годинешното издание на Виз Ер Скопски Маратон 2017 се: Град Скопје и Сојуз на спортови на Скопје, Агенцијата за млади и спорт, како и Атлетската федерација на Република Македонија, Европската Унија во Македонија и атлетските клубови. Оваа година на маратонот што се трчаше низ улиците на Скопје имаше рекордна пријавеност од над 8.500 учесници од 51 земјa.

На Виз Ер Скопскиот маратон, учесниците можат да исполнат норми за учество на сите најзначајни европски и светски шампионати, како и за Олимписките игри, а овој настан се организира по повод Денот на Европа.

 И годинава беше распишан и конкурс за избор за најдобра фотографија и конкурс за најкреативен транспарент на Маратонот. Вкупниот награден фонд изнесува 17.500 евра, а на сите учесници маратонци од компанијата Виз Ер им беше доделен вредносен ваучер од 20 евра за некој од нивните летови.

 

Град Скопје од Буџетот и годинава за оваа намена издвои 1.200.000 денари, и ги стави на располагање и сите јавни претпријатија под негова ингеренција, кои беспрекорно си ја вршеа својата работа за маратонот да се одржи во најдобар ред.