ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ШИЛЕГОВ СО ПРЕТСТАВНИЦИТЕ НА „АНИМА МУНДИ“ ГО ПОСЕТИ СТАЦИОНАРОТ „ВАРДАРИШТЕ“ 07.12.2017

 

 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, денеска /07.11.2017 година, вторник/ заедно со Здружението за заштита на животни  „Анима Мунди“ го посетија стационарот за хуман третман на уличните кучиња „Вардариште“.

- Денеска се наоѓаме во стационарот за згрижување кучиња скитници „Вардариште“, ги отвораме вратите, овдека сме заедно со вработените во Вардариште и со претставниците на граѓанскиот сектор коишто се занимаваат со оваа проблематика како здруженија. Целта ни е да ги видиме условите, начинот и како се згрижуваат кучињата скитници, да ги подобриме условите за престој на животните коишто се овдека стационирани заради зимскиот период и да направиме една координација, јас како Градоначалник, вработените од Стационарот и претставниците на граѓанскиот сектор и да дојдеме до едно оптимално решение за посовремен и похуман начин на згрижување на овие животни. Мене ми е драго што овдека се претставниците од  граѓанскиот сектор, бидејќи со нив имаме намера да го уредиме начинот и системот на функционирање на згрижување на бездомните кучиња - изјави градоначалникот, Петре Шилегов.

Радмила Пешева од Здружението за заштита на животни  „Анима Мунди“  изјави дека  ова е нов почеток на работа на стационарот „Вардариште“ и дека тие  барале од Градоначалникот да бидат вклучени во неговото управување,  како и дека многу работи ќе  треба да се променат во  третманот на кучињата.

Таа посочи дека иако масовно ќе се применува програмата „Залови, стерилизирај и врати на локација“, паралелно со оваа мерка за конечно да се решат проблемите  со бездомните кучиња ќе треба да се применуваат и низа други мерки  и од локалната и од централната власт.

-Очекуваме многу и спремни сме максимално  да се вложиме, така што сметаме дека од сега натаму работите ќе бидат подобри, рече Радмила Пешева од „Анима Мунди“ .

Столе Велковски од „Анима Мунди“ ги изрази нивните заложби да ги поттикнат  сите граѓани да дојдат и да се едуцираат за проблемот со бездомните кучиња  во Вардариште, да дојдат и да вдомат свој миленик и на тој начин да учествуваат директно во надминување на овој проблем.