ГРАДОТ СКОПЈЕ ЌЕ ДОДЕЛУВА СТИПЕНДИИ ЗА СПОРТИСТИ- СРЕДНОШКОЛЦИ 04.4.2018

 

 

Градот Скопје, преку својата програма за активностите во областа на спортот и младите, традиционално издвојува значителни средства за поддршка на средношколскиот спорт.

- Не можам да го сокријам задоволството што вие учениците заедно со вашите  професори по физичко воспитување, во изминативе години, покажавте дека само со истрајна, упорна и посветена работа се стигнува до саканиот резултат. Докажавте дека вложувањето во спортските достигнувања не е кочница за вашиот успех во школувањето и дека  желбата за спортот може да биде сојузник на  вашиот личен и професионален  развој – изјави градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека го радува фактот што владее спортскиот дух меѓу младите и упати  силен апел  до нив да  спортуваат, да се натпреваруваат  и  да постигнуваат  успеси. 

- Поттикнувајте фер игра и соочете ги способностите и амбициите. Само така ќе придонесете за здрави и дисциплинирани генерации. Јас како Ваш градоначалник секогаш сум тука со поддршка за остварување на вашите спортски соништа, бидејќи вложувањето во индивидуалните соништа и лични капацитети значи влог во заедницата во која живееме – порача Шилегов.

Градоначалникот Шилегов ги  информираше присутните во салата дека годинава за мотивација на средношколците Градот Скопје ќе доделува и  стипендии за спортисти – средношколци во  средните училишта на неговата територија, и дека паралелно со реконструкцијата на училишните објекти ќе се направи реконструкција и на  спортските сали.

Наградниот фонд кој е предвиден за стипендии изнесува 3 милиони  денари, што значи дека  Градот ќе стипендира вкупно 100 најуспешни спортисти, ученички и ученици, со по 3.000 денари во текот на осум месеци до крајот на 2018 година.

Исто така, како и секоја година, најдобрите екипи од средните училишта и годинава ќе имаат можност за една убава спортска дружба со  нивните врсници од странство.  По успешните гостувања во Истанбул, Ниш, Загреб, Љубљана, Софија и Белград, Градот Скопје годинава обезбеди буџетски средства за патување во еден од европските збратимени градови за најдобрите средношколски екипи во мал фудбал, одбојка, ракомет и кошарка, во женска и во машка конкуренција.

Бројот на учесниците во овие лига и турнир систем натпревари во средните училишта секоја година  се зголемува, а годинава веќе ја надмина бројката од 6.000 ученички и ученици од 29 средни училишта во Скопје.

Секако, за масовноста на овие лиги свој придонес имаат и професорите  коишто амбициозно  создаваат спортски генерации и  го поттикнуваат натпреварувачкиот  ентузијазам кај своите ученици.

За организација на средноучилишниот спорт во Скопје, Градот годинава од  својот буџетот одвои 2,3 милиони денари.