ГРАД СКОПЈЕ ЗА ПРВПАТ ЌЕ СУБВЕНЦИОНИРА НАБАВКА НА ИНВЕРТЕР КЛИМА УРЕДИ 17.1.2019

Продолжуваат активностите на Градот Скопје за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух преку системско имплементирање на мерки во сите области кои придонесуваат во загадувањето.

 

Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на домовите кои не се приклучени на централно греење, пред се заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување  и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки. Токму оваа е една од областите во која Градот Скопје посвети големо време и ресурси, пред се преку поддршката на граѓаните за обезбедување на начини за поеколошко греење на домовите.

Во 2019 година, покрај продолжување на субвенциите за набавка на печки на пелети и за чистење на оџаците на домаќинствата, за првпат Градот Скопје обезбеди финансиски средства за доделување на субвенции за граѓаните за набавка на инвертер клима уреди. Давањето субвенции за набавка на инвертер клима уреди создава услови за поголем број граѓани да се одлучат да инвестираат средства за нов начин на греење, со кој ќе се намали загадувањето.

 

Предноста и главна одлика на загревање со овој вид на уредите е нивната економичност, односно ниската потрошувачка на електрична енергија во споредба со другите системи на загревање кои трошат електрична енергија. Инвертер климите работаат на принципот на топлотни пумпи овозможувајќи поголема ефикасност, односно давајќи повеќе греење од потрошувачката на електричната енергија (за потрошен 1kW електрична енергија може да се добие 4kw топлотна енергија).

 

Инвертер технологијата е така направена така што работата на компресорите се прилагодува на постигнатата температура, односно кога ќе се постигне бараната температурна вредност работата на компресорот се намалува, а со тоа се намалува и потрошувачката. Со ова наместо да троши енергија со стартување и стопирање, инвертерот ја прилагодува брзината на моторот да биде помала или поголема (зависно од постигнатата температура) и работи поефикасно на подолг период. Со одржување на постојаниот режим на работа (т.н. „постојаниот чекор“), инвертоторт ја намалува потрошувачката на енергија за 30 проценти во споредба со класичните климатизери.

Доколку би направиле споредба со трошоците за греење на стан со 60 метри квадратни за една грејна сезона во однос на греење со термо печка, печка на дрва и климатизер инвертер би ги добиле следните пресметки:

 

Вид на греење

Потрошувачка на енергија

Финансиски трошок

Термо печка

10.920 kwh (киловат часови)

Околу 40.000,00 ден

Печка на дрва

12 м3

Околу 37.000,00 ден

Климатизер со инвертер

4.580 kwh (киловат часови)

Околу 18.000,00 ден

 

Сите овие предности, заштеда на електрична енергија преку давање повеќе топлина отколку трошење на енергија, намалување на загадувањето на амбиентниот воздух, зголемување на комфорот и удобноста на граѓанинот ја оправдува мерката за субвенционирање на климите инвертори.