ДОСЕГА ПОДНЕСЕНИ НАД 2800 БАРАЊА ЗА СУБВЕНЦИИ ЗА НАБАВКА НА ВЕЛОСИПЕДИ 06.6.2018

Град Скопје ги информира граѓаните дека од објавениот Јавен повик (21.04.2018 година) до денеска се поднесени 2.860 барања за субвенции за купување велосипед, што говори за голем интерес на граѓаните за добивање средства за надоместок на дел од трошоците.

Според предвидените финансиски средства за оваа намена во буџетот на Град Скопје, Ве известуваме дека  преостануваат средства за уште околу 300 барања

Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, како и 50% од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

За субвенционирање на граѓаните за набавка на велосипеди во буџетот на Град Скопје за 2018 година, се предвидени 10 милиони денари, од кои 9 милиони денари се предвидени за субвенции за велосипеди, додека еден милион денари за адаптирани велосипеди за лица со телесна инвалидност.

Јавниот повик се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Целиот јавен повик граѓаните можат да ги видат на следната интернет врска.

 

Правилникот за користење финансиски средства од буџетот на Град Скопје за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди за 2018 година граѓаните можат да ги видат на следната интернет врска.

 

Барањето за добивање на субвенции граѓаните можат да го преземат на следната интернет врска

 

 

Субвенционирањето на граѓаните за набавка на велосипеди е една од мерките на Градот Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство, чие користење има многу придобивки: истото е финансиски достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиентниот воздух.