УВИД ВО ГРАДЕЖНИТЕ РАБОТИ НА БУЛEВАРОТ ТРЕТА МАКЕДОНСКА БРИГАДА 27.9.2017

 

 

 

 

Во декември 2015 година Градот Скопје ја почна реализацијата на втората фаза од капиталниот проект за проширување и реконструкција на булеварот „Трета македонска бригада“ во општина Аеродром.

Увид во градежните работи на овој капитален проект денеска /04.09.2017 година, понеделник/ извршија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.

- Реализацијата на овој проект е во завршна фаза, булеварот е трасиран, а завршено е и асфалтирањето на делот од булеварот кој оди од Лисиче кон Центар, а за десетина дена треба да биде завршено асфалтирањето и на другата страна. Треба да се завршат уште неколку дополнителни работи на овој булевар и очекувам истиот да биде пуштен во употреба до крајот на месецов. За финалната реализација на проектот останува уште отстранувањето на објектот кој е на трасата на овој булевар, кој е на површина од околу 30 квадратни метри. За надминување на овие имотно-правни проблеми имавме голем број  средби и преговарања со сопственикот на објектот, но и покрај сите наши понуди не успеавме да најдеме заднички јазик. На земјиштето и објектот беше извршена проценка на вредноста, а понудивме и опција да изградиме објект со иста површина во непосредна близина на постојниот објект, но и оваа понуда беше одбиена. За овој објект беа водени поголем број судски постапки во управниот и вишиот суд, каде што сите пресуди се во корист на Градот Скопје. Во моментов трае судската постапка за уривање на објектот, којашто треба да заврши во текот на овој месец, се надевам дека истата ќе биде позитивно решена и дека ќе може непречено да се урне овој објект и да се доизгради булеварот – кажа градоначалникот Трајановски.

Вториот дел од проектот за проширување на булеварот „Трета македонска бригада“ се реалзира на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев, делница долга 1.400 метри. 

- Со проширувањето, оваа тесна и нефункционална улица доби 4 сообраќајни ленти (по две ленти во секоја насока), зелен страничен појас, средишно зеленило (жардињера), велосипедска патека покриена со асфалт и тротоар покриен со бекатон плочки. Градежните работи беа искористени за изградба на нова атмосферска канализација, како и ново улично осветлување.  На проширување и реконструкција на улицата Трета македонска бригада, втора фаза, работат екипите на градежната компанија „Ескаватори ДОО“, а за овој проект Градот Скопје издвои околу 103 милиони денари – кажа градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот на Општина Аеродром Коневски изјави дека ова е уште еден капитален проект кој се реализира во соработка со Градот Скопје за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.

За потсетување, првиот дел од булеварот Трета македонска бригада, на потегот од булеварот Србија до улицата Фрањо Клуз, беше проширен во 2014  година со вкупна должина од 1.243 метри, за што Градот Скопје вложи вкупно 147 милиони денари.

Со реализацијата на овој проект, Скопје доби ново, модерно булеварско решение со 4 сообраќајни ленти со вкупна должина од 2.643 метри, нови пешачки и велосипедски патеки, атмосферска канализација и осветлување, како и странично и булеварско зеленило, за што се инвестирани над 250 милиони денари.