ГОЛЕМО ВЕЛОСИПЕДСКО ДЕФИЛЕ НА ДЕНОТ БЕЗ АВТОМОБИЛИ 10.11.2017

Неколку илјади граѓани, велосипедисти, рекреативци и средношколци денеска /22.09.2017 година/ учествуваа во големото велосипедско дефиле што на градските улици се возеше по повод 22 Септември - Меѓународниот ден без автомобили и последниот ден од Европската недела на мобилност 2017. Дефилето го предводеше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а учествуваа и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, евроамбасадорот Самуел Жбогар и амбасадорите на Холандија и Унгарија во нашава земја.

Велосипедистите стартуваа кај Порта Македонија, потоа возеа по улицата 11 Октомври до булеварот Кочо Рацин, потоа кон булеварот Крсте Мисирков, булеварот Гоце Делчев, булеварот ВМРО, булеварот Партизански одреди, булеварот 8.Септември и по булеварот Илинден до Градскиот парк, кај Школката, каде што се одржа музички хепенинг.

На лотарија беа извлечени и им беа додели на најсреќните учесници во велосипедското дефиле, вкупно 14 велосипеди, од кои 10 велосипеди обезбеди Градот Скопје, а четири велосипеди обезбеди МЖСПП.

-       Градот Скопје и годинава се вклучи во Европската недела на мобилност 2017 и во деновите од 16 до 22 септември за граѓаните понуди низа активности посветени на алтернативното и одржливо движење. Сакам да ви се заблагодарам за вашето учество во денешното дефиле и за вашата подготвеност да возите велосипед и да ги менувате своите навики. Градот Скопје минатата година се најде меѓу трите европски градови со најдобри решенија за одржлива мобилност, во трка за Наградата на Европската недела на мобилност 2016. Тоа за нас е потврда дека се движиме во вистинската насока, тоа е заслуга на сите граѓани кои во своето секојдневно движење возат велосипед, користат јавен превоз или одат пеш. Пожелувам ова велосипедско дефиле в година да биде уште помасовно – порача пред учесниците во денешното дефиле градоначалникот Коце Трајановски.

Заменик – министерот Јани Макрадули истакна дека во Европската недела на мобилност годинава учествуваат над 2.440 градови.

 

-       Ми претставува задоволство што и Скопје е дел од ова големо европско семејство. Потребно е да ги менуваме нашите навики, да возиме велосипед повеќе од еден ден во годината, да ги оставиме своите возила во гаража повеќе од еден ден во годината и сите заедно да придонесеме за почист воздух – рече Макрадули.

Градот Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2017 во соработка со невладините организации Македонски Зелен Центар, Прв до Врв, Здружение на инженери за животна средина, Гоу грин, Еко свест и Милиеуконтакт Македонија Институт за обука Коцка, како и со Делегацијата на Европската унија во нашава земја и Министерството за животна средина и просторно планирање.