ГОЛЕМА ВЕЛОТУРА И ВЕЛОПИКНИК НА СРЕДНО ВОДНО 27.9.2017

Велотурата што денеска /17.09.2017 година/ се возеше од објектот на ИЗИИС до Средно Водно и големиот велопикник што се одржа на паркингот на Средно Водно привлекоа голем број велосипедисти и рекреативци денот да го поминат во природа и во дружење. Оваа активност е дел од вториот ден на Европската недела на мобилност 2017, а сообраќајот на патот до Средно Водно беше затворен за моторните возила, освен за автобусите на ЈСП. Велотурата до Средно Водно ја предводеше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

Велосипедистите учесници во велотурата денеска се собраа пред објектот на ИЗИИС, а потоа тргнаа кон Средно Водно. По пристигнувањето на паркингот во близина на жичницата, велосипедистите и рекреативците имаа можност да погледнат промоција на велосипедските продавници и сервиси во Скопје, промоција на неформалните велосипедски групи, да го истражат Водно со велосипед или пеш по трим патеките и да уживааат во музичка програма, со диџеј.

Градот Скопје и годинава се вклучува во Европската недела на мобилноста 2017 и за граѓаните понуди низа активности посветени на алтернативното и одржливо движење. Во деновите од 16 до 22 септември Градот Скопје ќе организира разновидна програма која е посветена и ќе биде интересна за сите граѓани, од најмладите до највозрасните, како и за јавниот и приватниот сектор.

Градот Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2017 во соработка со невладините организации Македонски Зелен Центар, Прв до Врв, Здружение на инженери за животна средина, Гоу грин, Еко свест и Милиеуконтакт Македонија Институт за обука Коцка, како и со Делегацијата на Европската унија во нашата земја и Министерството за животна средина и просторно планирање.