СТАРНАВСКИ СЕ СПУШТИ НА ДЛАБОЧИНА ОД 240 МЕТРИ ПЕШТЕРАТА ВРЕЛО НА МАТКА 10.11.2017

 

 

Светски познатиот спелеолошки нуркач Криштоф Старнавски од Полска се спушти на длабочина од 240 метри во подводната пештера Врело на Матка, соборувајќи го минатогодишниот рекорд од 230 метри.  

Деталите за овој успех ги соопштија на прес-конефренција Старнавски и претставници на неговиот тим, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претставници на здружението Акватек.

- Сакам да му честитам на господинот Старнавски, што и оваа година успеа да постави рекорд за длабочината на подводната пештера Врело. Минатата година тој стигна до длабочина од 230, а оваа година до 240 метри. Она што е дополнителен позитивен факт е  дека, според неговите укажувања, на оваа длабочина се појавува повторно отворен простор или галерија, што дава можност и надеж за понатамошно истражување и нуркање во поголеми длабочини. Градот Скопје во континуитет од 2009 година финансиски ги поддржува овие спелео-нуркачки експедиции за истражување на подводната пештера Врело, а тоа ќе го правиме и во иднина. Оваа пештера останува голем предизвик за спелео-нуркачки експедиции, а се надевам дека и наредната година господинот Старнавски повторно ќе нурка и ќе оди на нови рекорди.

Старнавски во придружба на неговиот тим и со логистичка поддршка од домашните спелео- нуркачи од клубовите Акватек и Врело од Скопје, по повеќе од пет часа успеа да се спушти на оваа длабочина, користејќи специјален систем за подводно нуркање наречен ребридер.

- Подводната пештера Врело е извонредна, со кристално чиста вода и огромни галерии. Сакам да изразам голема благодарност до мојот тим, како и до македонскиот тим од нуркачи, со кои успеавме да направиме истражување на пештерата до 240 метри во длабочина и над 800 метри во должина. Она што е најважно е што утврдивме дека постојат уште многу можности за понатамошно истражување во следна експедиција. Јас како човек и нуркач сум во потрага по најдлабоката истражена пештера во светот, а Врело има голем потенцијал да стане токму тоа – кажа Старнавски.

Минатата година Старнавски стигна до 230 метри длабочина со што го сруши рекордот на нуркачот Луиџи Касати кој во 2010 година стигна до 212 метри длабочина.

Пештерата Врело на Матка неколкупати досега е истражувана од страна на домашни и странски нуркачки експедиции, при кои е истражен само дел од нејзината внатрешност и не се знае точно до каде се простира и на колку метри е нејзиното дно. 

Градот Скопје финансиски ги поддржа сите истражувања на подводната пештера Врело сите изминати години и тоа ќе го прави и во иднина. Градот Скопје оваа година го поддржа истражувањето на подводната пештера Врело на Матка, преку здружението Акватек, со 200.000 денари.