23.07.2018 25.7.2018

Градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија, го објави вториот јавен повик за спроведување обука за професијата „оџачар“, а сите заинтересирани треба да се пријават најдоцна до 23.07.2018 година. 

Обуката ќе трае три месеци, а по завршување на обуката кандидатите ќе изведуваат секојдневна практична работа во реални услови кај работодавци во времетраење од 1 месец, доколку како спроведувач на обуката се стопански комори, занаетчиски комори и средни стручни училишта. Доколку спроведувачи на обука се приватни компании (работодавци) практична работа во времетраење од 1 месец може да се изведува кај истата приватна компанија (работодавец).

Кандидатите за времетраењето на обуката ќе добиваат надомест од 9.000 денари месечно. По завршувањето на обуката, на секој кандидат, покрај сертификат, ќе му бидат обезбедени основни материјали за отворање сопствен бизнис и извесно  вработување имајќи предвид дека чистењето на оџаците ќе биде субвенционирано од Градот.

Заинтересираните невработени лица можат да поднесат Пријава во Центрите за вработување, секој работен ден од 09 до 14 часот. Детални информации можат да се добијат во работните клубови на Центрите за вработување, на контакт телефон 02/3111-850, како и на веб-страниците на Агенцијата за вработување на Република Македонија www.avrm.gov.mk и Министерство за труд и социјална политика на Република Македонија www.mtsp.gov.mk .

Ова е втор јавен повик годинава, додека кандидатите коишто се пријавија на првиот повик во моментов ја посетуваат стручната обука. За оваа цел, годинава Градот Скопје предвиде 2 милиони денари за субвенции за чистење на оџаците.

За потсетување, во Скопје има само 8 регистрирани оџачари, а 45% од вкупниот број домаќинства во Скопје се греат на дрва, што е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во градот. Според некои податоци во Скопје има над 60.000 оџаци што многу ретко се чистат, а општо е познато дека неисчистен оџак загадува најмалку двојно повеќе во споредба со исчистен оџак.

Оваа мерка е само дел од чекорите што ги презема Град Скопје за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци.