Арсовска: Механизмите и средствата за справување со енергетската криза ги има Владата, локалната власт не може да носи национални политики 13.1.2022

- Механизмите и средствата за справување со енергетската криза ги има Владата. Треба да преземе се што е неопходно за граѓаните да бидат заштитени и да ја поминат зимата онака како што заслужиле. Не само што им беше зголемена сумата што ја плаќаат за 14 проценти повеќе, туку заслужуваат и подобри услови. Треба да се донесат национални мерки за спас од оваа криза и тие треба да ги донесе централната власт. Локалната власт не може да носи национални мерки и политики. Нашиот став е конзистентен, немаме надлежност и немаме можности, вели градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во вечерашното гостување во Клик Плус на телевизија 21.

Според Арсовска, одговорноста е на Владата која што навремено не реагирала и не донела каква било стратегија за справување со енергетската криза, а граѓаните се тие кои губат.

- Таа е одговорноста која што Владата треба да ја понесе затоа што не ја разрешила оваа ситуација кога имала можност и затоа што не размислувала кои се реперкусиите коишто можат да пристигнат од зголемувањето на цените на енергенсите на светските берзи. Тоа останатите држави од цела Европа па и од светот го направија веќе од 1 до 15 септември, веќе имаа целосни стратегии и тоа дел од нив ги донесоа до средината на 2022, а веќе еден месец подоцна од октомври месец имаа донесено стратегии за до крајот на 2022 година. Ова не е игра и се знае кој е виновен и кој ја има моќта и финансиите од секој аспект за да се разреши оваа состојба. Ако се прават политички игри единствениот кој губи се граѓаните во овој случај. Одговорноста не е нешто што треба да го префрлате. Политиката не треба да има свое место овде.

Арсовска дополни и дека интересот на граѓаните треба да биде интерес и на централната и на локалната власт.

- Доколку состојбите се вакви какви што се, односно место централната власт да гледа да работи со сите градоначалници, сега ги дели на свои и туѓи , ние немаме начин како да обезбедиме квалитетна работа, вели таа.