ОБЈЕКТОТ НА „МАТИЧНО“ ПРЕРАСНА ВО МЛАДИНСКИ ЦЕНТАР 17.2.2021

Градоначалникот Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, денеска го пуштија во употреба новиот Младински центар „Матично“, сместен во објектот на поранешната управа за водење матични книги, на улицата Михаил Цоков.

Станува збор за култен објект на кој му беше неопходна целосна реконструкција, а сега прераснува во младински центар во кој различни младински и извиднички организации, но и неформални групи ќе можат да ги реализираат своите едукативни и културни активности.

- Иницијативата за овој проект дојде токму од младите од општината Центар што е доказ за инклузивноста што сакаме да ја внесеме во секој сегмент од општеството. Станува збор за еден од култните објекти во нашиот град, објектот на „Матично“ што 52 години не беше реновиран, а сега може да го видиме во едно сосема поинакво и поубаво светло. Она што мене ме радува е што прифатената иницијатива од младите е доказ како со интеринституционална соработка можеме и од нешто што било руинирано да создадеме квалитет повеќе. Тука пред се мислам на соработката што ја остварија Владата на Република Северна Македонија и Општина Центар со доделувањето на овој објект на трајно користење на Општината, внесувањето на разни организации и донаторска помош која беше дел од овој процес, како и индиректната помош којашто Градот Скопје и ја дава на Општината Центар, особено во реализацијата на програмите што се однесуваат на младите луѓе во нашата држава - рече градоначалникот Шилегов, на денешната прес-конференција.

Шилегов нагласи дека е горд што ваков Младински центар излегува токму од срцето на Скопје, од општината Центар, како пример што треба да го следат сите единици на локална самоуправа.

- Ние пред неколку месеци имавме заедничка прес-конференција на која започна реновирањето на овој објект, сега го гледаме во сосема ново светло, што значи дека можеби не се потребни толку многу материјални средства, не е потребен толкав ангажман, колку што е потребна креативност во реализацијата на определени проекти. Токму заради тоа, младите треба да се дел од тој процес зашто нивната креативност ни помага нам кои ги водиме институциите да ја промениме перспективата. Градот Скопје и тоа како ги поддржува младите во нашиот град. Досега неколкукратно, повеќе од 4 пати, ги имаме зголемено буџетските средства во споредба со минатото, со кои ги поддржуваме младите скопјани во областа на спортот и во областа на културата. Ги поддржуваме и добрите ученици со давање стипендии. Тоа се политики кои јас мислам дека се вистинските политики и се влог во иднината, а дел од нашата работа е да мислиме на иднината. Токму овие деца кои сега ја даваат оваа креација, за десетина години ќе бидат носители на општествениот живот – рече Шилегов.

На денешниот настан присуствуваа и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски и заменик-министерот за локална самоуправа, Зоран Димитровски.

Општина Центар е првата општина на територијата на Скопје, а и во државата која отвора ваков младински центар како обврска која произлегува од Законот за младинско учество и младински политики.