Соопштение: Град Скопје со мерки и препораки до граѓаните за заштита на амбиенталниот воздух 19.12.2025

Согласно надлежностите на градот Скопје утврдени со Законот за животна средина, Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, како и уредбата за гранични вредности за нивоа и видови загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, градот Скопје ги издава следниве препораки:

- Сите јавни установи на подрачјето на градот Скопје да извршат итна проверка на исправноста и ефикасноста на грејните тела, климатизациските системи и останатите уреди за загревање;

- ЈП ,,Комунална хигиена” да спроведува зачестено чистење и миење на коловозните површини во надлежност на град Скопје, а општините да постапат аналогно за улиците во нивна надлежност;

- Се препорачува граѓаните, во периоди кога надворешната температура е над 0*C, доколку имаат техничка можност да користат климатизациски уреди и инвертер-системи, наместо индивидуални ложишта на цврсти или течни горива;

- Инсталациите во кои се врши согорување на енергенси да се користат во согласност со европските еколошки стандарди;

- Сопствениците и корисниците на објекти (правни и физички лица) да извршат проверка на исправноста на уредите за загревање, а при идни инвестиции да предвидуваат технологии со пониско ниво на емисии;

- Да се применува користење на јавниот превоз, да се избегнува користење на патнички возила без оправдана потреба и да се применува принципот на заедничко користење на возила (car sharing);

- Институциите и правните субјекти, колку што е можно, да го ограничат користењето на службени возила, а при идни набавки да се предвиди користење на електрични, хибридни, односно возила кои како гориво користат енергенс со кој максимално се редуцира емисијата  на полутанти во амбиенталниот воздух;

- Градежната механизација да го избегнува движењето во периодите на сообраќаен метеж, и тоа од  7:30 до 8:30 часот и од 15:30 до 17:00 часот.

 

Препораки и мерки за заштита на населениото:

- Се препорачува ограничување на престојот на отворен простор, особено кај чувствителните категории на население;

- Да се избегнуваат спортски настани на отворено;

- Средните училишта под надлежност на градот Скопје да извршат проверка на состојбата и функционалноста на прочистувачите на воздух;

- Општините на подрачјето на град Скопје да спроведат проверка на прочистувачите на воздух во детските градинки во нивна надлежност.

 

Надзор над инсталациите и теренските контроли во населените места:

- Зајакнати инспекциски надзори на инсталации кои поседуваат Б интегрирани еколошки дозволи и одобрени елаборати за животна средина;

- Зајакнати инспекциски надзори над градилиштата со цел заштита од создавање прашина од градежната механизација и градилиштата;

- Зајакнати контроли во однос на создавање на диви депонии и спалувања на отворен простор;

- Контрола на одобренијата за дотур на роба кои ќе важат во периодот од 18:00 до 7:30 часот наредниот ден, согласно одлуката за изменување и дополнување на одлуката за организирање и дефинирање на условите за доставување на стока на подрачјето на град Скопје;

- Вонредни контроли на техничката исправност на возилата во однос на зголемени емисии на штетни гасови во соработка со надлежното министерство;

- Контрола на воведениот сообраќаен режим за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, со насока да се користи обиколницата во соработка со надлежното министерство.

 

Дополнително, градот Скопје известува и дека овластените инспектори за животна средина, комуналната инспекција и комуналните редари на градот, постојано вршат инспекциски надзори на диви депонии, стрништа, ораници заради спречувае на нивно палење.

Изречени се и прекршочни платни налози на според Законот за управување со отпад, Законот за амбиенталниот воздух и Законот за животна средина.

Градот Скопје исто така апелира до граѓаните да не се користат огномети и пиротехника за време на претстојните празници со цел заштита на здравјето на граѓаните, животната средина, како и безбедноста на луѓето и животните.