Соопштение за јавност: Град Скопје поднесе 20 проекти на јавниот повик на Владата 11.9.2024

Почитувани,
Град Скопје денеска до Министерството за локална самоуправа ги достави проектите согласно објавениот јавен повик за поддршка од Владата, со цел унапредување на квалитетот на живот на жителите на Скопје.
Поднесени се 20 проекти во повеќе области со фокус на подобрување на јавниот превоз, развој на градската патна инфраструктура, противпожарната заштита, јавната хигиена, информациски технологии и дигитализација, како и од областа на културата.
Во областа сообраќај, Град Скопје ги поднесе проекти за 80 еколошки ЦНГ автобуси и 15 електрични автобуси. Во областа на противпожарната заштита, Град Скопје аплицираше за обезбедување финансиски средства за нови противпожарни возила.
Во сферата на урбанизмот и развој на патната инфраструктура, аплицираше со проекти за реконструкција на улица Беласица, изградба на булевар Македонско Косовска Бригада од раскрсница со булевар Никола Карев до раскрсница со булевар Босна и Херцеговина, кружен тек на улица Ѓорче Петров со булевар Македонска војска, изградба на кружен тек на булевар Александар Македонски, изградба на кружни текови на булевар 12-та Македонска бригада, реконструкција на булевар Србија и проект за надградба на постојната  градежна механизација.
Од областа на комуналните дејности, Град Скопје поднесе проекти за зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија Комунална хигиена и Паркови и зеленило, како и за реконструкција на стакленици за производство на садници. За секторот култура и спорт, Град Скопје аплицираше со проекти за реконструкција на планетариумот и изведба и поставување на трим тартан атлетска патека по должината на кејот на реката Вардар. 
Со цел имплементирање повисок степен на дигитализација и информациски технологии, Град Скопје поднесе проект за LoRaWAN инфраструктура и за систем за паметно мерење и управување со електрична енергија на град Скопје.
Во период кога Град Скопје се соочува со голем број предизвици, а наш приоритет е обезбедување квалитетни услуги и ефикасни решенија за граѓаните, се надеваме на успешна соработка со централната власт во насока на заедничка реализација на проектите со цел напредок на градот и подобар живот на граѓаните на нашето Скопје.