Град Скопје го започна процесот на изработка на новата стратегија за соработка со граѓанските организации и фондации 18.11.2026

Во салата на Советот на Град Скопје, се одржа првата работилница за изработка на новата Стратегија на Град Скопје за соработка со граѓанските здруженија и фондации за периодот 2026–2029 година, на која учествуваа претставници на повеќе од 80 граѓански организации и фондации.

Работилницата претставува почеток на консултативниот процес за подготовка на новиот стратешки документ, чија основна цел е обновување, зајакнување и унапредување на партнерството помеѓу Град Скопје и граѓанскиот сектор. Процесот на изработка на Стратегијата го води здружението Флорозон – Центар за еколошка демократија, во соработка со надлежните служби на Град Скопје.

 

Град Скопје има долгогодишна традиција на институционална соработка со граѓанските организации. Првата стратегија за соработка беше донесена за периодот 2007–2010 година, по што следуваа стратегиите за периодите 2013–2016 и 2019–2021 година. Со изработката на новата Стратегија за периодот 2026–2029 година, Град Скопје го продолжува процесот на стратешко планирање, со намера да воспостави поефикасни и поодржливи механизми за соработка со граѓанскиот сектор.

Град Скопје ја истакна определбата на Град Скопје за обновување и консолидирање на соработката со граѓанските организации, која во изминатите години не била на посакуваното ниво. Тој нагласи дека Градот има намера да воспостави редовен и отворен дијалог со граѓанскиот сектор и да го поттикне неговото активно учество во креирањето и реализацијата на локалните политики.

Посебно внимание беше посветено на можностите за развивање и спроведување заеднички проекти, како и за партнерско аплицирање за финансиски средства од програмите на Европската Унија, меѓународните фондови и други донаторски организации. Целта е со здружување на институционалните капацитети на Град Скопје и експертизата на граѓанските организации да се обезбедат дополнителни извори на финансирање и да се реализираат конкретни иницијативи во интерес на граѓаните.

Во текот на работилницата, претставниците на граѓанските организации имаа можност да ги споделат своите искуства, ставови и предлози за приоритетните области на соработка, подобрување на комуникацијата, транспарентноста и механизмите за поддршка на граѓанските иницијативи.

Новата Стратегија ќе содржи конкретни стратешки цели, приоритети, мерки и акциски план, со утврдени активности и индикатори за следење на нивната реализација. Во процесот на нејзина подготовка се предвидени дополнителни консултации со заинтересираните страни, со цел обезбедување широка вклученост на граѓанскиот сектор.

Град Скопје останува посветен на градење долгорочно, транспарентно и активно партнерство со граѓанските организации и фондации, препознавајќи ги како значаен партнер во унапредувањето на квалитетот на животот и одржливиот развој на градот.