Скопје домаќин на 5-тиот проектен состанок и студиската посета во рамки на проектот TERRAIN 21.10.2026

Град Скопје беше домаќин на 5-тиот проектен состанок и студиската посета во рамки на проектот TERRAIN – Twinning and Engagement in net-zero tRansport tRAnsItioN, кој се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија преку Interreg IPA ADRION програмата, во рамки на специфичната цел 2.4 – Поддршка на одржливата мултимодална урбана мобилност во Јадранско-јонскиот регион.

Дводневната средба, одржана на 29 и 30 септември 2026 година во Скопје, обедини претставници на партнерите во проектот со цел размена на искуства, следење на напредокот на проектните активности и дискусија за понатамошните чекори во насока на одржлива и климатски неутрална урбана мобилност.

Во текот на првиот ден се одржа 5-тиот проектен состанок, на кој беа разгледани напредокот на пилот-активностите, активностите за градење капацитети и нивно унапредување, методологијата за проценка на промените во политиките и структурите поврзани со нето-нулта урбана мобилност, како и подготовката на TERRAIN Roadmap/Blueprint за транзиција кон нето-нулта транспорт.

Во рамки на состанокот беа разгледани и активностите поврзани со третиот состанок на Живите лаборатории (Living Labs), комуникациските и капитализациските активности, како и следните чекори и идните проектни активности.

Вториот ден беше посветен на студиска посета низ Скопје, преку која учесниците имаа можност непосредно да се запознаат со конкретни примери и иницијативи поврзани со одржливата урбана мобилност.

Студиската посета опфати презентација на пешачката зона во централното градско подрачје, каде што просторот претходно наменет за терминална автобуска станица беше трансформиран во јавен плоштад. Со оваа интервенција се подобрени пешачката пристапност и мобилност, безбедноста и квалитетот на јавниот простор, а истовремено се придонесува кон намалување на загадувањето на воздухот и бучавата.

 

Учесниците имаа можност да се запознаат со проектот „Градски воз“, преку презентација подготвена од ЈП ЖРСМ – Инфраструктура, со фокус на проектот и неговото значење за развојот на одржливиот јавен транспорт. Во рамки на посетата беше организирана и презентација на Музејот на железницата, по што учесниците имаа можност да се запознаат со услугата на „Градскиот воз“ преку возење со редовната линија во двата правци, организирано од страна на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје. На овој начин, учесниците имаа можност непосредно да го искусат функционирањето на железничкиот јавен превоз и да се запознаат со потенцијалот на „Градскиот воз“ како побрзо, економично и еколошки прифатливо решение за подобрување на урбаната мобилност, намалување на времето на патување и сообраќајниот метеж и придонес кон подобар квалитет на воздухот.   

Дел од посетата беше и Центарот за управување и контрола на сообраќајот – Скопје (ЦУКС), каде што беа презентирани системите за мониторинг и управување со сообраќајот во реално време, собирањето сообраќајни податоци, видео-надзорот и адаптивниот систем за управување со сообраќајот.

Студиската посета заврши со презентација на планираниот Bus Rapid Transit (BRT) Коридор – Линија 1, при што беа претставени предвидената траса, станиците, интермодалните поврзувања и начинот на интеграција на системот со постојната автобуска мрежа.

Преку размената на искуства и практичните примери презентирани во Скопје, состанокот и студиската посета придонесуваат кон зајакнување на соработката меѓу партнерите и унапредување на пристапите кон одржлива, мултимодална и нето-нулта урбана мобилност во регионот.

https://terrain.interreg-ipa-adrion.eu/