ГРАД СКОПЈЕ: УЧЕСТВУВАЈ НА „СКОПЈЕ КРЕАТИВА 2018“ 22.3.2018

Град Скопје Ве информира дека е објавен јавниот повик за поддршка и промоција на предлог проекти за реализација на Програмата за развој на креативните индустрии  „Скопје креатива 2018“.  Мотото на „Скопје креатива 2018“ е 7 Times 2 Creativity (7 Пати до креативност) и ќе се одржи од 11 мај до 13 мај 2018 година.

Градот Скопје оваа година финансиски ја поддржува „СКОПЈЕ КРЕАТИВА“ со 3,6 милиони денари.

Проектите треба да се од областа на дизајнот (проект дизајн/ индустриски дизајн, графички, моден, мебел дизајн), применети и функционални креации, визуелни уметности, културни локации, нови медиуми, креативно-едукативни услуги; изведбени уметности, аудиовизуелени уметности, традиционални културни изразувања, издавачки и печатени медиуми со акцент на применливото.

На конкурсот може да учествуваат правни лица регистрирани за вршење дејност од областа на културата и физички лица кои се активни во дејностите: дизајн (продукт, графички, моден дизајн); архитектура/ентериер; занаети; филм, ТВ, видео, радио, фотографија; ИТ-сектор, дизајн на софтвери, компјутерски услуги; издаваштво; музеи, галерии, библиотеки; огласување, маркетинг и друго.

На конкурсот се повикуваат учесници кои ќе аплицираат за целосна или делумна продукциска/финансиска поддршка, но и учесници кои не бараат никакви финансиски средства, а се пријавуваат за фестивалски настап со конкретен проект/активност.

Поддршка ќе добие правното и/или физичко лице кое ќе понуди прототип/програма/проект дизајн што ќе покажат оригиналност и иновативност, современ пристап во поврзување на нови технологии и дигитални медиуми во уметничкото творештво и други облици на креативно изразувањe.

Конкурсот е отворен до 21 март. Кандидатите треба да ја преземат пријавата од веб-страницата www.skopjekreativa.mk и со документите наведени во повикот да ја достават до Конгресен центар „Александар Македонски“ (Универзална сала, Скопје), по пошта на адреса: бул. „Партизански одреди“ бб или лично во Архивата на Конгресниот центар најдоцна до 15 часот на последниот ден од конкурсот.

Трудовите ќе ги оценува стручна комисија. Подносителите на пријавите за резултатите ќе бидат информирани во писмена форма во рок од петнаесет дена по истекувањето на конкурсот, односно по донесувањето на одлуката за избор на најповолни понуди.

Пријавите со непотполни податоци, како и тие кои нема да бидат доставени во наведениот рок, нема да бидат разгледани. Дополнителни информации и појаснувања може да се добијат на имејл info@kongresencentaram.mk, skopjekreativa15@gmail.com.