ЈАНЧЕВА: ПРВИОТ СКОПСКИ ОДРЕД Е НИКУЛЕЦОТ НА НОВ ВО МАКЕДОНИЈА 10.9.2018

По повод одбележувањето на 77- годишнината од формирањето на Првиот скопски партизански одред, делегација на Град Скопје, составена од Љубица Јанчева, претседателка на Советот на Град Скопје и советниците Анжелика Апчевска и Александар Трајановски, положи свежо цвеќе пред спомен - обележјето на Првиот скопски партизански одред.

 

Пред спомен - обележјето, цвеќиња положија и делегации од Општина Карпош, од Сојузот на борци на Македонија (СБМ) на општина Карпош и Град Скопје, како и здруженија на граѓани и организации.

 

По завршувањето на церемонијата се обрати претседателката на Советот на Град Скопје, Јанчева, која  говореше за формирањето, придонесот и значењето на Првиот скопски партизански одред.

 

- Формирањето на Првиот скопски партизански одред е значаен настан од нашата историја и значаен датум од историјата на нашето Скопје, земајќи го предвид фактот што, и каква улога имаше градот Скопје во 1941 година, за тогашната бугарска администрација, воената и полициската структура, нагласи Љубица Јанчева.

 

Таа додаде дека во партизанските редови на одредот биле четириесет и дваjца партизани, од кои седумнаесет го загубиле животот во текот на војната, а дел од нив, Александар Урдаревски, Раде Јовчевски-Корчагин и Боро Петрушевски, се прогласени за народни херои.

 

Првиот скопски партизански одред претставува никулец на НОВ во Македонија на кој се надоврзаа прилепскиот партизански одред, кумановскиот, вториот скопски, велешкиот, битолскиот.... бригадите, баталјонот Мирче Ацев - првата регуларна воена единица, дивизиите, корпусите... до денешната армија, по сите стандарди подготвена за полноправно членство во НАТО алијансата.