ШИЛЕГОВ: НОВ КОНЦЕПТ ЗА ТРЕТМАН НА ОТПАДОТ ВО СКОПЈЕ 01.10.2019

 

 

Градот Скопје денеска промовираше нова опрема и нов концепт за третман на комуналниот отпад и хигиената на јавните површини во Скопје.

- Од денеска почнуваме целосно да го менуваме ликот на нашиот град. Дел по дел, чекор по чекор во Скопје ќе престанеме да ги гледаме глетките на незатворени и преполни контејнери со отпад, кои околу себе шират непријатна миризба и остават впечаток на нечист град. Денеска, го претставуваме целосно новиот концепт за третман на комуналниот отпад и хигиената на јавните површини во Скопје. За таа цел, градот набави нови контејнери коишто се највисокиот технолошки стандард, познат и применет во Европа. Станува збор за 540 нови контејнери со капацитет од 3.200 литри со коишто ќе бидат заменети над 1.800 од вкупно 4.500 досегашни стари контејнери. Потоа, имаме и 30 контејнери за селектирање на отпад од 2.200 литри. Со оглед на тоа, што станува збор за сосема нов систем, градот набави четири нови комунални возила за третман на овие контејнери – рече градоначалникот Шилегов.

 

 

 

Новите 540 статични контејнери за комунален отпад се речиси со трипати поголем капацитет од досегашните, опремени се со механизам за автоматско затворање на капакот, педала за ножно отворање, рачка за отворање приспособена за користење за лицата со посебни потреби и упатства за правилно користење. Во исто време, во соработка со досегашниот партнер на градот „Пакомак“ набавени се и 30 контејнери со капацитет од 2.200 литри за селектирање отпад, што е двојно повеќе од досегашните контејнери.

 

 

 

- Со новите контејнери во текот на оваа година ќе замениме дури една третина од постојните контејнери, но тука не застануваме, бидејќи е во план да се набават дополнителни контејнери со кои ќе бидат заменети и преостанатите.  Четирите нови комунални возила се опремени со технолошки најсовремен систем за странично собирање на отпадот и со нив празнењето на контејнерите го врши шоферот од самото возило, а тоа значително ќе го забрза, но и ќе го поевтини процесот на собирање комунален отпад во нашиот град – додаде Шилегов.

 

 

 

Денеска беа промовирани и новите 950 корпи за џебен отпад што претставува зголемување за една половина од досегашните 1.750 корпи, како и новите 12 електрични машини за вакуумско чистење и 10-те електрични возила за чистење и миење на јавните површини.

Од 950 корпи за џебен отпад, 850 се направени од еластичен материјал, дополнително се заштитени од непрописно полнење со ќеси полни со комунален отпад и не овозможуваат ѓубрето да го растураат животни. Преостанатите 100 корпи се приспособени за отпадоци од домашните миленици. Вакуумските машини за хигиена на јавните простори и зелени површни работат на сосема обратен принцип од досегашните, со којшто вработените ги дуваа лисјата и креваа дополнителна прашина. Возилата за миење и чистење се наменети за одржување на хигиената на јавните простори, пред се шеталиштата, тротоарите и велопатеките.

 

 

 

- Напоменувам дека и едните и другите се технолошки најсовремени машини коишто се на електричен погон и воопшто нема да го загадуваат воздухот во нашиот град. Во Скопје конечно се создаваат услови видливо да се подобри состојбата со хигиената на јавните површни. Во овој процес треба да учествуваме сите заедно - ние како институции, но и граѓаните како луѓе што го сакаат својот град, чист и убав. Градот Скопје нема да престане да инвестира во технички и човечки ресурси за одржување на хигиената, ќе продолжиме со кампања за правилно постапување со отпадот, но и ќе го засилиме инспекцискиот надзор што ќе значи повеќе казни за несовесните граѓани. Почитувани, почнуваме процес којшто зависи од сите нас. Очекувам дека институциите на централната власт ќе ги сменат законите и националните политики, но и ќе ја интензивираат нивната функционалност со цел да се забрзаат процесите за заштита на животната средина. Ги повикувам сите општини во Градот Скопје, но и општините од скопски плански регион, да инвестираат во хигената на територијата на своите општини и општински улици. А полицијата да почне да ги гони сторителите и оние што ги палат депониите во нашиот град – повика градоначалникот Шилегов.

Тој нагласи дека само со вакви здружени напори на институциите, граѓаните и преостанатите општествени чинители, Скопје може да стане град каков што сонуваме.

-       Ве замолувам и вас медиумите заедно да почнеме да креираме нова свест и општествена одговорност за животна средина, затоа што таа е наша заедничка. Секој во рамките на својата општествена одговорност конечно да го заземе вистинското место и да го даде својот придонес за почисто и поубаво Скопје – рече Шилегов.