ВО НЕДЕЛА ЌЕ СЕ ТРЧА 16. ВИЗ ЕР СКОПСКИ МАРАТОН НА ГРАДСКИТЕ УЛИЦИ 01.10.2020

Само три дена не делат од почетокот на најмасовната спортска манифестација во земјава  Виз Ер Скопски маратон на која на градските улици ќе учествуваат неколку илјади маратонци, полумаратонци и рекреативци. Деталите поврзани со годинешната 16-та трка на денешната прес-конференција ги соопштија градоначалникот Петре Шилегов, Александар Кираџиев, 5-кратен Национален Шампион во Маратон и директорот на Виз Ер Скопски маратон, Кире Синадиновски.

-„Трчањето ќе ве промени“ - тоа е мотото под кое годинава традиционално, по 16-ти пат, натпреварувачите го трчаат Виз Ер Скопскиот маратон. Не можам да го сокријам моето задоволство што Скопскиот маратон прерасна во една од најголемите спортски манифестации во државата и еден од најмасовните улични маратони во регионот.  Упатувам честитки до организаторот Сојузот на спортови Скопје, кој заедно со коорганизаторите и во ваквите вонредни околности настанати заради светската пандемија на коронавирусот, успеаја да најдат начин како безбедно да ги отворат вратите за натпреварувачите од целиот свет почитувајќи ги протоколите за заштита на јавното здравје – рече Шилегов.

Тој додаде дека Градот Скопје е домаќин и покровител на Скопскиот маратон, заедно со Канцеларијата на ЕУ и Агенцијата за млади и спорт.

- Во организацијата на маратонот вклучени се професионалци и волонтери што се грижат маратонот да помине во најдобар ред и покрај отежнувачките околности, за што сакам од срце да им се заблагодарам. Градот Скопје како и секогаш, обезбеди логистичка и финансиска поддршка за потребите на организацијата. Јавни претпријатија на Градот имаа задача да се погрижат за состојбата и безбедноста на патеката долга 42.195 метри – изјави Шилегов.

Секоја година екипите на Градот  ја подобруваат сообраќајната инфраструктура и во  моментов во тек се реконструкциите на повеќе од 10 сообраќајници.

- Внимававме тоа да не претставува пречка за движењето на учесниците на маратонот, така што освен со исклучок на 250 метри кај улицата 11-ти Октомври каде што реконструкцијата започна вчера, патеката не поминува на ниту една од преостанатите улици чија реконструкција е во тек. Сосема на крајот, на сите учесници им посакувам успешна трка, добра забава и дружење и нека победат најдобрите – кажа Шилегов на прес- конференцијата.