Пролетната акција на Град Скопје и јавните претпријатија оваа недела во Шуто Оризари 04.5.2022

Градот Скопје заедно со градските јавни претпријатија и во координација со Општина Шуто Оризари од вчера ја спроведуваат големата пролетна работна акција на подрачјето на општина Шуто Оризари.

Екипите координирано до крајот на неделава на терен ќе спроведуваат активности за машинско и рачно миење и метење на булеварите и на улиците, дезинфекција на контејнерите, собирање кабаст отпад, санирање на оштетувања на коловозите, обновување и поставување на сообраќајната сигнализација, садење нови садници и уредување на зеленилото, санации на пријавени дефекти и проблеми од граѓаните, заловување на бездомни кучиња и можности за нивно вдомување по нивен хуман третман, целосно чистење на атмосферските и фекалните линии, како и прочистување на дождовните сливници на булеварите и на градските улици.

Во големата пролетна работна акција во Шуто Оризари на терен координирано ќе работат екипи на градските јавни претпријатија: Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Улици и патишта, Водовод и канализација, Дрисла и Лајка.

Во рамките на оваа акција, ЈП Комунална хигиена ќе изврши рачно и машинско метење и миење на булеварите и улиците, како и миење и дезинфекција на контејнерите и на нивните микролокации.

ЈП Комунална хигиена и во оваа општина на неколку локации постави и специјални садови за кабаст отпад, каде што граѓаните ќе можат да го остават, по што тој бесплатно ќе биде подигнат и транспортиран на соодветна локација од ова градско претпријатие.

Специјалните садови во општината Шуто Оризари се поставени на следниве локации:

 

  1. Автобуска постојка на последна 19-ка,
  2. Спроти затворот, кај Жуто Лукс,
  3. На паркингот зад општината Шуто Оризари.

 

Во рамките на акцијата во оваа општина, теренските екипи на ЈП Паркови и зеленило ќе работат на уредување на зелените површини на повеќе локации низ општината Шуто Оризари. Со акцијата ќе се изврши расчистување на теренот, косење на тревните површини, собирање на откос, како и кроење на грмушки. Секторот дрвореди извршија кастрење на 17 дрвја на улицата Македонско-косовка бригада врз основа на издадени Решенија од Град Скопје.

Во оваа општина екипите на ЈП Улици и патишта одговорни за одржување на сообраќајниците, како и за одржување на сообраќајната сигнализација,  работат на улицата Индира Ганди. На оваа сообраќајница ќе се санираат ударните дупки, односно ќе се асфалтираат дупките по претходно машинско гребење на оштетувањата, ќе се санираат оштетените бекатон плочи на тротоарите и ќе се обновува вертикалната и хоризонтална сигнализација.

Екипите одговорни за одржување на светлосната сигнализација вчера ги утврдуваа можните недостатоци на семафорите и во текот на неделата ќе ги санираат оштетувањата на светлосната сигнализација на семафоризираните крстосници во општина Шуто Оризари.

Јавното претпријатие Водовод и канализација во општина Шуто Оризари за време на акцијата ќе работи на улиците Македонско-косовска бригада, Идира Ганди и Нов живот.  Екипите вчера на улицата Македонско- косовска бригада извршија контрола на 30 шахти, рачно се исчистени 20 шахти, 15 сливници, миење на канализациона линија од 180 метри со цистерна со вакуум 180м и прочистување на 300 метри со цистерна под притисок.

 

Екипите на претпријатието на терен ќе вршат рачно чистење на сливници, на шахти (атмосферски и фекални) и миење со цистерна со вакуум и цистерна под притисок на атмосферските и на фекалните сливници и шахти.

 

Заловувачките тимови на ЈП Лајка ќе постапуваат на 6 клучни локации во општина Шуто Оризари, односно на три локации околу пазарот, кај објектот на општината  и околу џамијата.

 

Јавното претпријатие Дрисла во рамките на пролетната акција ќе го прима,  складира и депонира комуналниот отпад, градежниот шут и другите видови отпад што ќе се собира  на територијата на општина Шуто Оризари.

 

Пролетната акција во општина Шуто Оризари почна вчера, 3 мај, и ќе трае се до 6 мај, а потоа екипите на јавните претпријатија ќе продолжат со работа во наредната општина што е планирана, каде што на терен ќе ги продолжат активностите на точно утврдени локации по примерот на општина Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Гази Баба, Чаир,  Бутел  и општина Шуто Оризари.