ОТВОРЕН ДЕН НА „ДРИСЛА“: ГРАДОТ СКОПЈЕ ПРЕЗЕМА ИТНИ МЕРКИ ЗА КОНСОЛИДАЦИЈА НА ДЕПОНИЈАТА 05.02.2020

Новинарски екипи и активисти од еколошките граѓански организации денеска ја посетија депонијата „Дрисла“ и направија увид во состојбата на теренот, во рамките на отворениот ден на „Дрисла“ што го организираа Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.

- Како што веќе знаете, од 20 јануари оваа година, Градот Скопје е повторно сопственик на депонијата „Дрисла“, по деветгодишната голгота и двегодишната правна битка којашто ја водевме. Градот Скопје конечно стави целосна контрола врз депонијата „Дрисла“. Во моментов, овде во „Дрисла“ по мој налог се врши внатрешна ревизија со цел да ги видиме сите движења на финансиите. Наидуваме на чудни работи, луѓе коишто живеат во Австралија се воделе како вработени овде и им била давана плата. Работиме и на тоа да ја оспособиме машинеријата што ја имало јавното претпријатие пред да стане приватно со цел трошоците за изнајмување градежни машини што било пракса во минатото да ги избегнеме или намалиме. Заедно со тимот и со директорот Коста Начевски сме во разработка на план за набавка на нов стерилизатор, кој според моите очекувања може да биде ставен во употреба во април годинава и да се доврши договорот кој за жал никогаш не беше реализиран од приватните партнери. Во разговори сме и за гасовите што се создаваат овде, да биде изградена постројка со која од тие гасови ќе се произведува електрична енергија. Мојата идеја и цел е со инвестиции во овој дел и со инвестиции во пречистителната станица за отпадната вода „Дрисла“ да стане првата санитарна депонија во нашиот град – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Шилегов нагласи дека Градот Скопје и тој, како градоначалник, се гарантот за исправноста на идното работење на „Дрисла“.

- Гарантирам пред граѓаните дека по 20 јануари, се додека сум јас градоначалник на Скопје, овој капацитет на Град Скопје ќе работи според сите позитивни законски прописи и сите немили случки или сомнежи дека нешто такво би можело да се случи, во иднина ќе ги нема – додаде Шилегов.

На отворениот ден на депонијата „Дрисла“ присуствуваше и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.