НОВ ПАРК ВО ТОПАНСКО ПОЛЕ 05.12.2019

Градоначалникот Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ардијан Муча,  денеска  го пуштија во употреба новиот парк во Топанско поле, меѓу улиците Втора македонска бригада и Ферид Мурат.

- Денеска го пуштаме во употреба овој целосно ревитализиран парк, што е прекрасен пример да се види како кога има меѓуопштинска соработка, кога институциите соработуваат, во конкретниов случај Град Скопје и јавното градско претпријатие Паркови и зеленило од една страна  и  Општина Чаир од друга страна, можеме за граѓаните да создадеме еден нов квалитет во  нивното живеење. Станува збор за парк, трет или четврт годинава што го отвораме во функција на зголемување на зеленилото, со површина од над 9.000 квадратени метари – рече Шилегов.

Тој додаде дека во паркот целосно е уредено зеленилото и е поставен целосно нов систем за наводнување за да се спречи сушење на вегетацијата.

Во новиот парк се засадени триесетина садници и листопадни и зимзелени, како дел од засиленото зазеленувањето на Скопје и есенското садење на над 7000 садници  на територијата на градот .

- Од друга страна Општина Чаир се погрижи да го облагороди овој простор со  нови детски реквизити и содржини, со нова урбана опрема, односно клупи и корпи за отпадоци, па така ова целосно запуштено место прерасна во еден убав локален парк кој ќе го користат  граѓаните од Топанско поле – кажа Шилегов.

Шилегов додаде дека очекува ваквиот тип на соработка да продолжи и за други содржини, а се во функција што е можно повеќе запуштени простори да се  претворат во убав јавен простор, односно места каде што граѓаните  ќе поминуваат пријатни моменти.