НОВ ЗЕЛЕН СКВЕР „ОСТРОВО“ ВО АЕРОДРОМ 03.6.2021

Скопје од денеска е побогат за уште еден зелен сквер, на крстосницата меѓу булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров во Аеродром, кај „Палма“. На барање на локалните жители, на оваа претходно запуштена јавна површина е поставен модерен летниковец, вметнат меѓу постојното високо зеленило, кружни клупи, патеки и нова фонтана за вода. На летниковецот е поставено иновативно осветлување, а целиот простор е дополнително облагороден со зеленило. На официјалното отворање на новиот зелен сквер „Острово“ денеска присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, Нарине Сахакјан, постојаната претставничка на УНДП во нашата земја и градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.

- Ова е последната од петте локации што оваа година ги промовиравме, а коишто ги работевме заедно со Скопје Лаб и со УНДП, како една акција за уредување микро средини во која инклузивно беа вклучени и граѓаните. Тие микро средини беа уредувани во согласност со потребите на граѓаните, по основ на анкетите кои ги направивме со луѓето коишто гравитираат и живеат овде. Одбиравме сериозно девастирани површини кои можат да бидат ставени во употреба, но граѓаните не ги употребуваа токму поради тоа што беа запуштени и долги години неодржувани. Оваа парцела е на околу 1.000 квадратни метри, на раскрсницата меѓу улицата Владимир Комаров и булеварот Јане Сандански и е направена врз основа на потребите на луѓето коишто живеат од двете страни на булеварот. Со гордост можам да кажам дека сега кога и официјално го отвораме овој сквер за граѓаните тој е веќе препознатливо место каде што луѓето од општината Аеродром доаѓаат да ги поминуваат своите слободни часови – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој потсети дека Градот Скопје во изминативе три години сериозно инвестира во зазеленување на слободните површини во нашиот град, но и во облагородување на запуштените површини.

Локацијата на овој нов зелен сквер е избрана од граѓаните во рамките на Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП која започна во 2018 година. Во процесот беа вклучени различни возрасни групи на граѓани преку користење квалитативни и квантитативни методи за утврдување на потребите на граѓаните кои живеат во овој дел од населбата. Мапирани беа однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро да се разбере постојниот социо-културен контекст.

- Овој јавен простор е дел од поголем проект за ревитализација на напуштени површини во Скопје преку инклузивен и колаборативен процес кој им дава глас на жителите во редизајнот на јавните површини. Преку Скопје Лаб успешно вклучивме жители во процесот на редизајнирање на 17 напуштени и неискористени површини низ градот. Јавната површина „Острово“ е последната од пет напуштени површини кои беа уредени во зелени, инклузивни и функционални простори. Ова е една од две такви површини во Аеродром. Напуштениот простор е трансформиран во модерен парк според концепт што произлезе од кодизајн процес кој им овозможи на жителите да работат заедно со дизајнери, архитекти и професионалци за урбано планирање – објасни Нарине Сахакјан, постојаната претставничка на УНДП.