ШИЛЕГОВ: ОСТВАРЕНИ СЕ 87,2% ОД ПЛАНИРАНИТЕ ВКУПНИ ПРИХОДИ ОД 2019 06.02.2020

Градоначалникот Шилегов на денешната прес-конференција даде осврт за тоа како Град Скопје ги користеше и располагаше со буџетските средства изминатата година во периодот од 01.01 до 31.12.2019 година.

- Граѓаните заслужуваат информација за тоа како Град Скопје управуваше со буџетските средства изминатата 2019 година. Во таа насока сакам да потенцирам дека, кога ќе направиме споредба со последните 5 години, разликата е повеќе од очигледна во полза на остварувањето на интересите на нашите сограѓани. Управувањето со буџетските средства во 2019 година се темелеше на принципите на ефикасност, ефективност и транспарентност во работењето, а во насока на буџетска заштеда и оптимално користење на ресурсите. За 2019 година во вкупниот Буџет на Град Скопје остварени се 87,2% од планираните вкупни приходи и други приливи, во износ од 5,7 милијарди денари. Вкупните расходи и други одливи во буџетот на Град Скопје за 2019 година, се извршени со 82% од планираното или во вкупен износ од 5,3 милијарди денари. По однос на остварувањето на расходите гледано по категории на расходи, тековно – оперативните расходи се остварени со 86,4 %, а капиталните со рекордни 72% од планираното – рече Шилегов.

Тој додаде дека остварувањето на приходите и расходите во 2019 година истовремено, споредено со последните 5 години бележи зголемување од 20 до 40 проценти, односно Град Скопје во изминатата 2019 година бележи најдобри резултати од досегашното свое работење.

- Истото важи и за процентуалното остварување на Буџетите споредено со планираното во изминатите години. Остварувањето на Буџетот за 2019 година е најдобро досега и споредено со последните 5 години бележи зголемување од 10 до 20 проценти. Град Скопје во изминатиот период освен што посветено работеше  на подобрување на сервисните услуги, работеше и на капитални проекти и нивната реализација инвестирајќи истовремено во повеќе области согласно  со надлежностите. Град Скопје успеа да ја задржи и ликвидноста на едно завидно ниво. Со своето домаќинско работење Град Скопје на 31.12.2019 година бележи салдо, кое досега не се памети, во вкупен износ од 1.935.935.290 денари - нагласи Шилегов.

 

Шилегов истакна дека овие финансиски резултати пред се, се должат на интензивните активности во делот на инфраструктурите проекти, заштитата на животната средина, формирањето на ГЕС и ред други активности кои граѓаните веќе имаат можност да ги почувствуваат и препознаат како одговорни политики на оваа градска администрација.

- На крајот сакам да подвлечам дека Град Скопје и понатаму ќе работи на остварување на Вашите интереси, излегувајќи во пресрет на  Вашите потреби и да пристапиме кон системско решавање на тековните предизвици. Убеден сум дека ваквиот пристап кон работа и обврските ќе придонесе Скопје во иднина да стане Град каков што скопјани заслужуваат, метропола со којашто сите заедно ќе се гордееме - рече Шилегов на денешната прес-конференција.